Митовски: Граѓаните сакаат крај на хаосот, дивите депонии и безредието во Гази Баба

Соопштение на СДСМ

Во изминатиот период низ маалски средби ја поминавме секоја педа од нашата општина. Со граѓаните разговаравме лице в лице, ги слушавме нивните проблеми и идеи и токму врз тие разговори ја градевме програмата за овие локални избори, се наведува во соопштението од СДСМ од изјава за медиумите на Влатко Митовски кандидат за градоначалник на Гази Баба.

Она што сите го чувствуваат и го гледаат е дека Гази Баба денес се дави во безредие, хаос, нехигиена, диви депонии и градежно беззаконие. Таква општина повеќе не смее да продолжи.

Конечно, од 19 октомври ликот на Гази Баба ќе почне да се менува. Во четиригодишниот мандат како градоначалник се обврзувам дека Гази Баба ќе добие модерен и урбан лик. Хаосот и безредието ќе останат минато, ќе се градат суштински работи што ќе им служат на граѓаните:

-Гази Баба ќе стане првата општина со нула кучиња скитници, со изградба на сопствен стационар.

-Ќе изградиме спортски сали и затворен базен каде што ќе може да се играат европски натпреварувања.

-Ќе изградиме модерни спортски терени по сите стандарди и систем за нивно одржување.

-Руинираните домови за култура, како оној во Нова Колонија, ќе добијат нов лик и намена, со кино сали и летно кино на отворено достапно за сите граѓани.

-Таму каде што недостига атмосферска канализација, таа ќе се постави целосно, а потоа улиците ќе се асфалтираат.

-Конечно ќе се реши проблемот со недостигот на питка вода во делови од општината каде што е потребно.

-Младите ќе бидат слушнати – дел од буџетот секоја година ќе го креираат самите, според своите идеи и приоритети.

-Пазарџиите во општина Гази Баба ќе бидат субвенционирани со 50% од износот на котизацијата за тезгите, со цел да се намали бројот на диви пазарџии по тротоарите

Ова се само дел од мерките што ќе ги реализираме.

Граѓаните на Гази Баба повеќе не можат да бидат изигрувани со предизборни гребења на асфалт и евтини трикови. Тие знаат дека нивниот глас не смее да биде повторно потрошен за нови измами. Затоа верувам дека граѓаните ќе ја поддржат визијата за чиста и урбана општина – без диви депонии и без смет позади контејнерите, општина во која младите ќе сакаат да останат и да го градат својот живот тука, наместо да ја бараат својата среќа на друга општина.

На 19 октомври започнуваме ново поглавје – поглавје на ред, чистота и модерна Гази Баба во која сите ќе се гордееме што живееме.

 

Back to top button
Close