Митрески: Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ повторно се обидуваат да ја блокираат работата на Собранието
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Јован Митрески денеска на прес-конференција обвини дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера повторно се обидела да ја блокира работата на Собранието.
– Опозицијата во Собранието продолжува да работи против сопствените граѓани и сопствената држава. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ шест пати губат на избори и никако да ја научат лекцијата од граѓаните дека народот не сака блокади, рече Митрески, додавајќи дека колку и да се обидуваат нема да успеат да ги закочат реформите.
Митрески рече дека ВМРО – ДПМНЕ вчера се дрзнала повторно да блокира законски решенија, а еден од нив било законското решение со кое глобите за инвалидските организации се намалуваат, а истовремено се воведува опомена пред казна.
-Цел ден зборуваа буквално за е, освен за оа што е текст на законот. Ете толку ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните и на ранливите категории. Исто вака се однесуваа и за носењето на Буџетот. Ја напуштија салата мислејќи дека нема кворум, дека Буџетот за следната година нема да го донесеме. ВМРО-ДПМНЕ, но и Алијанса и Левица беа подготвени да ја остават државата на времено финансирање, рече Митрески.
Опозициската партија, според него, јавно се фали со блокадите.