Мизрахи: Од сега, до шест обиди за ин-витро оплодување ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување
Интегрален текст од изјава за медиуми – Рашела Мизрахи, пратеничка:
Правиме чекор напред кон достоинствен пристап до ин-витро оплодување. Чекор кон здравство што не исклучува, здравство посветено на секој еден.
Со измените на законот за здравствено осигурување, храбро се исправиме пред еден длабоко личен, често тивок, но болен проблем. – Неплодноста. Зборуваме за надеж. За живот. За семејство.
Од сега, до шест обиди за ин-витро оплодување ќе бидат покриени од Фондот за здравствено осигурување, нешто што досега беше незамисливо за многу семејства.
Законските измени, предложени од страна на парламентарното мнозинство, отвораат ново поглавје за илјадници граѓани кои со години се борат со неплодноста.
Претходно, само првите три обиди за ин витро беа покривани од државата. Но реалноста покажува дека често се потребни повеќе. Медицината не е универзална формула – таа е индивидуален пат. И ние како држава мораме да го препознаеме тоа.
Проширување на бројот на обиди за ин-витро од 3 на 6, покриени од Фондот.
Вклучување на различни типови на БПО процедури, вклучително и:
– со сопствени (автологни) репродуктивни клетки,
– со донорски (алогенеични) ембриони, јајце-клетки или сперма.
Се воведува и поедноставена електронска процедура за поднесување барања.
Подобрен административен и професионален надзор – со скратување на времето за одлучување од страна на Фондот и јасна жалбена постапка.