Младеновски: Сè уште се натпреварувам за да им дадам поддршка на младите и надежни македонски кајакари

Седумдесет и четиригодишниот Илија Младеновски кајакар-ветеран од КК „Илинден 90“ од Скопје, воедно и тренер во овој спорт, изминатиот викенд се натпреваруваше на Балканското првенство во спринт и во класик на 5 километри, и во двете дисциплини освои сребрен медал.

Младеновски за МИА, информира  дека со неговото учество на  Балканско кајакарско првенство изминатиот викенд на Вардар во Велес имал за цел на младите македонски кајакари  да им даде надеж и поттик  да тргнат на патот кон успехот.

– Имаме многу надежни македонски  кајакари и затоа јас сè уште  организирам кампови за да им го пренесам своето искуство, а оваа лето во јули  ќе имаме камп за спуст на диви води на реката Радика кај Дебар. Ќе весламе и ќе се дружиме, воедно ќе откријам и нови таленти кои се иднината на македонското кајакарство, потенцира Младеновски.

Се надева дека ќе го наследат и многу други млади македонски талентирани кајакари кои тој  ги подржува и тренира  и  им дава  пример да бидат трпеливи и храбри  во трките со брзата речна вода  и со издржливост, упорност и  редовни тренинзи да стигнат  до успеси.

Тој потенцира дека една таква надеж на македонскиот кајак е младиот велешки кајакар Ангелче Петрушевски кој сега се спрема за учество на  Светскиот куп во слалом  и  воедно е кандидат за Олимпијадата во Париз, Франција.

Пример дека македонското кајакарство има потенцијал е и младиот велешки кајакар Лука Велковски кој  има само 10 години и е член на велешкиот ККК„Арка-Борец“. Тој   на Балканското првенство во Велес изминатиот викенд  освои златен  медал во категоријата од 10-12 години  К-1 спринт. Инаку тој претходно  има освоено  златен медал во категоријата од 8-10 години.

Освен Балканското првенство во сите категории, во Вардар во Велес изминатиот викенд за првпат се одржа Светскиот куп во кајак спуст на диви води за сениори  – прво и второ коло на кој учествуваат  над 250 кајакари од Кајак клубови  од 17 земји од два континенти од: Албанија, Австралија, Белгија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Хрватска, Германија, Италија, Естонија, Чешка, Србија, Франција, Словачка, Косово, Швајцарија.

Александар Златаров кајакар од ККК „АРКА- Борец“ Велес  настапи во К-1 мажи  Спринт и класик, и освои бронзен медал во дисциплината К-1 спринт на Балканското првенство.

Тој искажа задоволство што  шестмина  македонски кајакари од Македoнската кајакарска репрезентација  меѓу кои и тој  учествувале и на натпреварите од  Светското првенство во кајак спуст, но само Кристијан Лазаров успеал да се пласира во финалните натпревари.

Водно Лазаров  заврши на 15 место што е и најдобар резултат на македонски кајакар од  македонската кајак репрезентација во  изминатиот викенд  на овие две кола од Светскиот куп во Велес.

Љубомир Спасиќ кајакар и учесник на натпреварите во Светскиот куп во Велес  и претседател на ККК „Арка-Борец“ воедно  тренер на младите кајакари   во информацијата за МИА, оцени  дека Балканското првенство и Светскиот куп во спуст  одлично поминале и е горд што Велес и Македонија по 50 години повторно успешно  организира Светско првенство во кајак на диви води. Тој потсети дека во   далечната 1975 година   Светско првенство во кајак на диви води се одржа на реката Радика и на Матка во Скопје.

Спасиќ  како тренер  оценува  дека Велес има докажани  врвни кајакари и млади и надежни кајакари и дека ги очекува светла спортска кариера. Затоа очекува поголема  финансиска поддршка  од надлежните институции и за други вакви и слични натпревари од светски ранг во Велес и земјава како и за нивно учество на меѓународни натпревари во странство. 

Back to top button
Close