МНР: Ја повикуваме Руската Федерација да покаже почит кон свесниот надворешнополитички избор на Бугарија за членство во НАТО

Ја повикуваме Руската Федерација да покаже почит кон свесниот надворешнополитички избор на Република Бугарија за членство во НАТО и одлуките на бугарскиот Уставен суд, се вели во соопштението на Министерството за надворешни работи објавено на сајтот на Министерството, по повод изјавите на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација.

Ја повикуваме Руската Федерација да остане ангажирана во конструктивен дијалог со земјите-членки на НАТО во Советот НАТО-Русија, насочен кон иднината на пообединета и побезбедна Европа заснована на владеење на правото и строго спроведување на преземените меѓународни обврски, изјавуваат од Министерството за надворешни работи.

Во соопштението се наведува дека националните територии на земјите членки на НАТО се територии на Алијансата. Вооружените сили на земјите-членки се исто така вооружени сили на НАТО. Ова произлегува од Вашингтонскиот договор за основање на НАТО, кој е ратификуван од сите земји-членки.

Договорот од Вашингтон не предвидува „втора категорија” на земји-членки за кои колективната одбрана треба да се применува селективно или во ограничен обем, истакнуваат од МНР. Во тој контекст, согласно Решението број 1 на Уставниот суд на Бугарија од 4 февруари 2003 година, „трупите на политички или воен сојуз на земјите – членки на тој сојуз или на сојузничките држави, по ратификуван, прогласен и стапен во сила за Република Бугарија меѓународен договор со политички или воен карактер, не се странски трупи во смисла на член 84, точка 11 од Уставот, доколку нивното поминување или престојување низ територијата на земјата е поврзано со извршување на сојузничките обврски”.

Од МНР нагласуваат и дека актуелната криза во безбедносната архитектура во Европа, како и кризата во и околу Украина, треба да се решаваат со дипломатски средства и со дијалог.

Претходно денеска руското Министерство за надворешни работи соопшти дека безбедносните гаранции што Русија сака да ги добие од Западот вклучуваат клаузули со кои се бара силите на НАТО да ги напуштат Романија и Бугарија.

Back to top button
Close