МНР не кажува дали е депортиран Македонец, учесник на работилница во Белград
Вкупно 13 државјани од девет земји биле приведени и депортирани од Србија без објаснување ноќта помеѓу 21 и 22 јануари во Белград кои биле учесници на Ерсте академијата за невладини организации, која се одржала во понеделник и вторник во Белград. Неофицијално еден од претставниците бил од Северна Македонија, но засега македонската амбасада во Белград, нема информации за настанот, а Министерството за надоврешни работи и надворешна трговија не одговори на прашањата испратени од нашата редакција.
Реномираната организација NGO Academy организирала работилница во Белград, дел од програмата за градење капацитети за невладини организации, предводена од тимот на Vienna University of Economics and Business, под наслов „Стратегии за остварување приход за организации со мисија“. Работилницата била планирана во јули 2024 и отворена за пријавување во август 2024, во рамки на мрежата на NGO Academy која брои 580 организации.
На работилницата учествувале 22 лица од 12 различни земји, а според информациите учесниците биле од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка .
По завршувањето на академијата, полицијата ги привела учесниците директно од хотелот каде што биле сместени, без никакво објаснување. По неколкучасовно задржување, им било наредено веднаш да ја напуштат Србија и им била изречена едногодишна забрана за влез во земјата.
-Ниту тимот на Vienna University of Economics and Business, ниту претставници на ERSTE Foundation добија објаснување за причините за ваквото постапување. Програмата е активна од 2013 година, а слични работилници се одржувале и претходно во Белград без проблеми. Овој инцидент предизвикува сериозна загриженост. Во соработка со нашиот партнер, NGO Academy, внимателно ја следиме ситуацијата. Австриската амбасада во Србија денеска протестираше против ваквиот однос кон учесниците и нивното протерување. Изразуваме жалење што учесниците беа изложени на вакво искуство и ја потврдуваме нашата посветеност кон поддршката на граѓанското општество во Централна, Источна и Југоисточна Европа, велат за Рацин.мк од фондацијата Ерсте.
На прашање на Рацин.мк дали некој од Македонија побарал помош или се обратил во амбасадата на Македонија во Белград, амбасадорот Никола Тупанчевски вели дека не е информиран за факов настан.
-До овој момент нема никакво официјално барање (обраќање) од страна на македонски државјани вклучувајќи ги и споменатите субјекти, вели тој во својот одговор.
До објавувањето на оваа статија не стигна одговорот од македонското министерство за надворешни работи, дали е протеран македонски државјанин од Белград.
-До ден денес не добивме информција зошто бевме приведени и депортирани, но според законот за безбедност на кој тие се повикуваат, всушност тие и не се должни да ни дадат објаснување бидејќи се работи за загрозување на националната безбедност- вели ексклузивно за Трн, Ана Ковачиќ, историчар на уметност од Хрватска и една од приведените.
Таа со години наназад работи на проекти со нејзините колеги од Белград и ова не прв пат да биде во Белград.
-Чувствувам тага и бес. Под голем стрес сум се уште и тешко ми е да поверувам дека една земја може се уште да користи такви методи и да има таков третман на невладиниот сектор – вели Ана и додава:
Според извештајот на Associated Press од 23 јануари 2025 година, Хрватска ги предупреди своите граѓани да го одложат непотребното патување во Србија откако пет хрватски активисти беа депортирани од Белград без јасна причина, означени како закана за безбедноста на Србија.
Хрватска формално протестираше и побара објаснување, додека српските власти го бранеа протерувањето како законско. Овој инцидент ги зголеми тензиите меѓу двете земји, кои се присутни од војните во поранешна Југославија. Српските власти неодамна протераа лица од повеќе земји под слични безбедносни претпоставки, што предизвика загриженост кај организациите за човекови права за зголемена репресија од страна на владата.
Овој инцидент предизвика загриженост кај меѓународната заедница, особено поради недостатокот на транспарентност и објаснување од страна на српските власти. Австриската амбасада во Србија изрази протест против ваквото постапување и протерување на учесниците. ERSTE Foundation и NGO Academy изразија жалење за искуството на учесниците и ја потврдија својата посветеност кон поддршката на граѓанското општество во регионот.
По настанот реагираше и владата на Романија, а вчера со официјална реакција излезе и Европската комисија која изрази загриженост поради приведувањето и депортирањето на „мирни активисти на цивилното општество од земјите-членки на ЕУ и регионот на Западен Балкан, под изговор дека претставуваат безбедносен ризик“.
-Мерките преземени во интерес на националната безбедност треба да се спроведуваат во согласност со правната рамка на Србија, а во согласност со европските и меѓународни стандарди за човекови права. Таквите мерки не треба да резултираат со ограничување на слободите на поединците, вклучувајќи ги и странските државјани.
Од Брисел потсетуваат дека „цивилното општество игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество и е дел од вредностите на Европската Унија, а и иднината на Србија како земја-кандидат и на нејзините граѓани.“
Ова е првпат група лица без очигледна поврзаност со внатрешната политика на Србија да бидат означени како безбедносна закана и да им биде забранет влез во земјата. (Рацин)