Мојот другар Ратко

Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на мојот другар Ратко. За жал, Ратко Панов повеќе од две децении не е меѓу нас живите, но сеќавањата врежани уште од најраното детство, тинејџерските годините па сѐ до неговото заминување од овој свет, сѐ уште ги носам со себе. Ние бевме вистински другари.

Не постоеше сила која можеше нашето другарство да го расипе. Како карактери бевме слични, но во многу нешта и различни.

Нашето другарување започна кога бевме второ одделение во Основното училиште ,,11 Октомври”. Ратко тукушто беше доселен во новите згради, во населбата Пролет и вообичаено, пријателството започна од првиот момент на запознавањето. Ратко си беше крупно дете, подоцна корпулентен маж кој импонираше со својот изглед и големина. Беше бунтовник по природа со „расипани” чувства за дипломатија. Ратко не беше човек кој ако нешто не му се допаѓа умее да прави лице, туку човек отворен и гласен во своите размисли за многу нешта кои што го обликуваа нашиот живот, токму во тие рани години од нашето детство. Меѓу нас постоеа невообичаени прекари. Тој мене ме идентификуваше како „пицопевац”, (бидејќи од најраното детство пеењето беше дел од мојот живот), а јас него „клатикур. Во секојдневието овие прекари ги поедноставивме на Пицо и Клати. Ратко беше познат, во нашето опкружување, како син на професорот по историја Муки, кој беше многу популарен во тогашаната машка гимназија ,,Цветан Димов”.

Од мојот постар брат Стефан, слушнав за еден настан кој се случил на часот каде тој бил присутен.

Во тогашната гимназија, греењето во зимските денови беше со ќумбиња. Да се наложи ќумбе со дрва и ќумур не е баш романтично, но татнењето на огин или ,,пуцкетање” на дрво што гори, даваше посебно чувство на сентиментална топлина. Секако, ова се случуваше во долгите зимски денови во Скопје, кои уште ги паметам како исклучително студени со многу снег. Тогаш ние децата полесно облечени баравме можност да а се стоплиме. Се случуваше, не само учениците, туку и професорите своите столчиња да ги наместат поблиску до ќумбето кога предаваат или испрашуваат. Така на еден час по историја, учениците во класот на брат ми, му го наместија столчето на професорот Муки веднаш до ќумбето, знаејќи ја неговата навика дека понекогаш знае да задреме. Тој час по историја беше предвиден за испрашување и другар на брат ми, по име Кире, требаше да одговара за да ја поправи оценката за полугодие. Замислете, зима, грч ладно, мразулци неистопени висат по крововите и олуците, снег до колена, а во топлата училница на гимназијата ,,Цветан Димов”, професорот го прашува Киро за битката на Марица. Професорот Муки, лагодно сместен во столицата со вообичаено замижени очи поради што сите помислија дека дремката го има фатено, а Киро, за да биде интересен меѓу своите соученици и соученички, наместо да одговори на прашањето почнува да врши пренос на фудбалски натпревар каде настапува Вардар со некој од фудбалски клубови од тогашната прва лига на СФРЈ. Киро веќе десетина минути зборува, односно врши пренос на фудбалски натпревар, наместо битка на Марица и во еден момент се слуша гласот на професорот Муки: „И?, каков е резултатот? Јас го знам, еден –нула за мене”…

Со Ратко заедно завршивме економски факултет и целиот период од нашето најрано детство, па до моментот кога стапиме во брак, имавме свои љубови кои само меѓу себе ги споделувавме и тоа го чувавме како заклетва, како нешто свето кое треба да го чуваме. Само еднаш ни се случи со Ратко, едно девојче од нашето соседство да ни биде и нему и мене голема симпатија. Свежо ми е сеќавањето кога со Ратко, седнати пред портите на нашата тогашана симпатија Мица Темкова, денес познат и признат уметник, седиме со часови и се натпреваруваме кој прв ќе ја види нашата мила Мица. Побитно од тоа беше во кого таа прва ќе погледне. Заедничката симпатија во ниеден момент не го растури нашето другарување, туку напротив го збогати, бидејќи сфативме дека во многу нешта можеме да имаме и заеднички погледи, не само во нашето опкружување, туку и во нашите животи.

Најблизок до нас, од другарите во тогашното основно училиште ,,11 Октомври”, па и понатака низ животот беше другар ни Драган Николовски, со прекарот Дуртан.

Ратко поради својот специфичен карактер не беше примен како вистински другар од другарите за кои што веќе пишував, поради неговата ароганција и леснотија кога беше во прашање алкохолот. За Ратко не чаша, туку флаша ( шише) беше малце. За себе никогаш не водеше грижа, едноставно го живееше животот во стил и начин кои што само нему му прилегаа и ги сакаше.

Мојот другар Ратко го нападнаа болести, така да во својата 40-та година се најде врзан во количка. Нозете му беа одземени и токму таа непријатност беше повод, мојот другар Ратко уште повеќе да се втурне во алкохолот, барајќи ја својата утеха. Бракот му се растури, неговиот син кој денес е меѓу нас, мене ми е непознат. Навистина жалам, што ова младо момче не го запознав на време за да воспоставам комуникација со него заради поврзаноста со мене и неговиот татко, Ратко.

Постариот брат на Ратко , Љупчо, почина исто така многу млад, а нивната помала сестра, Кременка која заврши медицина, како доктор му го посвети сиот свој живот на својот болен брат Ратко.

За Ратко можам да пишувам книги. Имавме минато кое не можам да го заборавам. Искреноста и пожртвуваноста која важеше за нас беше уникатна. За разлика од мене, Ратко беше човек кој не можеше да другарува со многумина, имаше селективен однос кон луѓето.

Ратко Панов , населба Пролет, зграда бр.2, влез бр. 1, стан бр.3. Тоа е адресата каде Ратко го запознав и цел негов живот другарував со него. Вечна ти памјет мој другар. Ако имам можност да го запознам твојот син Александар, ќе бидам многу горд.

Трифун Костовски

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close