Монументално дело на Александар Ефтимовски во Јужна Кореа

Избран од поголем број на светски автори, Александар изработи скулптура во монументална големина во музејот на современи уметности Мосан во Јужна Кореа.

За време на неговиот престој, тој материјализираше една од неговите идеи во скулптура во материјалот гранит. Истото дело е изложено во паркот на монументална скулптура и е дел од колекцијата на музејот. Преку ова дело Александар директно го претставува неговото моментално творештво и текот на современата Македонска скулптура.

Покрај проектот кој го работи во моментов, Ефтимовски оваа година ги претстави неговите дела изработени од челик на престижната изложба НОРДАРТ во Буделздорф, а неговите дела исто така ќе бидат изложени и во деветтото издание на изложбата „Патот на Свилата“ во Шиан, Кина.

Предвесник на неговото патување во Азија беше делото „Спротивна Ротација“, кое тој го изработи за градот Кајзерслаутерн, Германија. Импозантното дело со големина од 4 метри, кое е трајно поставено во градот, го претставува ликовниот замав и моменталното творештво на авторот.

Покрај оваа метална скулптура, Александар претстави 5 скулптури во галериски формат во музејот на Каизерслаутерн во групна изложба на која беа изложени дела од познатите уметници Ханс Арп,

Ото Дикс и други. Овој проект е значаен за авторот бидејќи неговата идеја беше избрана во анонимна селекција помеѓу стотици други автори.

Покрај големата интернационална активност, тој создава дела и за неговиот град. Како дел од неговото творештво, оваа година во Младинскиот Културен Центар во Скопје, авторот ќе постави две дела кои публиката и посетителите на оваа установа ќе може да ги користат. Тие се сегмент од проектот на Ефтимовски во кој изработува практични скулптури направени од реупотребени материјали како челик и дрво.

Проект, кој може да се нагласи како значаен, се двете дела створени оваа година во Њу Плимут,

Нов Зеланд.Изработените дела, две на број, се направени од вулкански камен викан андезит кој претставува еден од најцврстите материјали за изработка на скулптура. Скулптурите се сега дел од приватни колекции во градот.

На 11ти Ноември се отвори и самостојната изложба „Чувства“ на Александар во „Фестивална дворана Лент“ – Марибор. Покровител на оваа изложба е Македонското друштво БИЉАНА од Марибор. На оваа изложба, авторот и претстави на публиката 10 скулптури во галериски формат изработени од разни типови камен(базалт, гранит, мермер) и дрво..

Александар Ефтимовски, македонскиот академски скулптор кој го стекна своето уметничко образование на додипломски студии во Фиренца и постдипломски студии во Карара работи на дела и проекти низ целиот свет. Тој во досегашното негово творештво има поставено повеќе од 20 дела во голем формат во градовите во Европа и ширум светот.

Карактеристични за авторот се симплифицираните плоснати и волуменозни форми. Авторот ја гледа скулптурата како објект кој треба да заземе простор. Неговите геометриски форми се форми кои можат да ја променат нивната позиција, и на тој начин да створат различна визуелна дразба кај гледачот. Често на објектите – неговите дела (Објекти се скулптури кои заземаат простор – Јордан Грабул) можат да се забележат засеци кои додаваат на динамика и движење на скулптурата преку креирање на игра на сенки.

 

Back to top button
Close