Може ли Турчин да биде лидер на ВМРО-ДПМНЕ?

Шкотските националисти за свој лидер и сега премиер го избраа Хамза Јусеф, чии родители се од Пакистан. Шансата не-Македонец да стане лидер на македонска партија сега е и помала од нула. Пишува Љупчо Поповски

Парадигмата од насловот на овој текст не се однесува само на ВМРО-ДПМНЕ, туку и на СДСМ, како две најголеми партии од македонскиот блок. Одговорот, нема никаква дилема, е дека – може; но дали е возможно. Дали евентуалниот избор на Турчин на чело на ВМРО-ДПМНЕ би можел да биде глогов колец во националистичкото ткиво на партијата? Хипотетичкиот избор на ваква личност би ги довел во прашање сите митологии поврзани не само оваа „патриотска“ партија, туку и самиот концепт на општеството, на неговото мнозинско население, но и на улогата што би можеле да ја играат малцинствата и нивната посветеност пред сѐ на државата, а не на припадноста. Во овој момент тоа изгледа како далечина од барем една светлосна година.

Приказната што следи подолу за македонски услови изгледа неверојатна, а некои ќе речат дури и неприродна. Во понеделникот владејачките националисти од Шкотската национална партија (СНП) го избраа Хамза Јусеф за наследник на досегашната премиерка Никола Старџен, по нејзината неочекувана оставка во февруари на местото прв министер на шкотската влада. Некои овде вртеа со главите на самиот факт дека потомокот на пакистански емигранти е избран да ги води шкотските националисти, чија главна цел е отцепување од Велика Британија. На многумина овде тоа им изгледа бесмислено – како може човекот, чии родители беа од земјите кои беа британски колонии, сега да ја води најшкотската партија.

Во прв план способност, а не потекло

Јусеф е внук на имигрант од Пенџаб, кој работел во фабриката за машини за шиење „Сингер“ во 1960-тите. Неговиот татко роден во Пакистан станал успешен сметководител и активист на СНП во Глазгов (каде Јусеф е роден пред 37 години). Мајка му на Јусеф исто има потекло од Пенџаб, но е родена во Најроби, Кенија, но поради расно мотивирани напади во родниот град, семејството се преселило во Британија.

Патот на Јусеф е од парламентарен помошник, па пратеник во шкотскиот парламент во 2011, министер за надворешни работи и меѓународен развој на тогашниот прв премиер Алекс Салмонд. Во досегашната влада на Старџен беше министер за транспорт, за правда, па министер за здравство до пред некој ден. Јусеф се соочуваше со расна нетрпеливост во текот на неговата кариера, а забелешки поради муслиманската вера – тој ги почитува рамазанските пости и оди во џамија.

Но во кампањата за наследник на Старџен тоа речиси и не се споменуваше. Неговиот главен конкурент, ѕвездата во подем на шкотските националисти, Кејт Форбс, во телевизиската дебата се нафрли на него обвинувајќи го дека кога бил министер за транспорт „возовите никогаш не доаѓале навреме“, а како министер за здравство не знаел како да ја контролира епидемијата на ковид. За неговото расно потекло никој не зборуваше. Форбс (32) е министерка за финансии и моментално на породилно отсуство и таа е социјален и фискален конзервативец, наспроти централно-левичарските позиции на владата на Старџен. Таа важеше за голем фаворит на изборите, но откако даде низа интервјуа во кои беше брутално искрена за нејзините социјални ставови, кои вклучуваат дека е против истополовите бракови, родовата самоидентификација и сексот надвор од бракот, нејзинита шанси за избор потонаа во само 48 часа.

 Хамза Јусеф Шкотска
Шкотската национална партија (СНП) го избра Хамза Јусеф за наследник на досегашната премиерка Никола Старџен

Во партијата позната по својата социјално-либерална основа и самонареченото „прогресивно“ раководство на Старџен, ваквите ставови во голема мера се сметаат за анатема за секој политичар кој ја бара највисоката функција. Па уште кога Зелените, кои се дел од владата, рекоа дека со вакви ставови на Форбс тие ќе излезат од кабинетот, нејзината судбина во лидерската трка беше запечатена. Иако поразот во гласањето на партиските членови беше тесен – 52 наспроти 48 отсто. Така, шкотските националисти за свој лидер го добија првиот муслиман и првиот човек кој не е белец.

Хамза Јусеф сега треба да го среди нередот во партијата и да види што ќе прави со фактот дека членството на СНП е намалено за една третина (во 2019 имаше 125.000 членови, а сега 72.000) и како човек од континуитет со политиките на Никола Старџен, да се обиде да ја одведе Шкотска во независност. Во моментите кога британскиот парламент не дава дозвола за нов референдум, а и кога бројките за поддршка на независноста се намалени и се под оние што го поддржуваат останувањето во унијата.

Но Хамза Јусеф не е единствениот пример во Шкотска. Пред него за лидер на Лабуристичката партија во 2021 година беше избран Анас Сарвар, исто така син на пакистански емигранти од Пенџаб, роден во Глазгов. Така, на чело на две од трите најголеми партии во Шкотска се муслимани чии родители дошле од Пакистан.

Во Лондон, од Даунинг стрит 10, британската влада ја води премиерот Риши Сунак од Конзервативната партија, кој во кабинетот на Борис Џонсон беше успешен министер за финансии. Дедото на Риши е роден во Пакистан, а бабата во Индија, во два града кои тогаш беа дел од една провинција Пенџаб во рамките на колонијалната Британска Индија. Потоа тие емигрирале во британската колонија Кенија. Татко му е роден таму, а мајка му во Танзанија. Потоа се преселуваат во Британија. Риши Сунак е дипломец на Оксфорд и Стенфорд во САД, жена му е Индијка. Тој ѝ припаѓа на хиндуистичката вера. Неговото богатство се проценува на 850 милиони долари, благодарение на наследството на сопругата и е најбогат британски премиер во историјата. За споредба, богатството на кралот Чарлс се проценува на 420 милиони долари.

Риши Сунак Велика Британија
Британската влада ја води премиерот Риши Сунак од Конзервативната партија

Овие британски примери се илустративни, но се разбира, не се применливи насекаде. Една поранешна голема империја со вековите се научила како да апсорбира дојденци и нивните наследници од земјите со кои владеела. Расната нетрпеливост и таму е голема, но дали тоа е пресудно кога партиите ги бираат своите лидери, а премиерите своите министри. Лојалноста на тимот на еден лидер и партискиот распоред на силите е меѓу најважните работи, а заедно со неа оди и стручноста и политичката умешност. Никој не го поставува прашањето дали Хамза Јусеф ќе ја води Шкотска кон независност, иако не е Шкотланѓанин по крв, туку дали тоа ќе го направи успешно, што е целта на неговата Шкотска национална партија.

Одраз на несигурноста на една нација

Можете ли да претпоставите како би изгледало кога еден Турчин од Гостиварско, кому националната агенда на ВМРО-ДПМНЕ му е прирасната за срце, кој верува во неа и кога би имало гласање на членството за лидер на партијата (какво што сега нема) би се пријавил да учествува во таа трка. Нема од што да се срами или да му биде незгодно – неговите далечни претци дошле со отоманските управувачи пред четири века на македонска територија, тие биле лојални граѓани за време на сите управи, најпосле во Југославија и сега во Македонија, и тој ја чувствува државата како вистинска своја татковина. А не да биде третиран како дојденец од пред четири века.

Реално, во земја чиј народ се тресе од самата помисла дека ќе биде обезличен, при самата помисла дека, на пример, ако за Бугарите треба да се најде место во Уставот, тоа ќе биде како некој да го боде со вуду игли во самото негово срце, тоа е тешко замисливо. Дека тоа ќе биде целосен распад на македонштината. Или, дали во СДСМ може некој Албанец да се издигне до врвната лидерска позиција. Тука не станува збор за неговите способности, умешноста да ја обедини и унапреди партијата и нејзиното идеолошко кредо, туку границата е поставена најмногу до едно од потпретседателските места. И во едниот и во другиот случај тоа би било предавство на македонството.

За жал, тоа е одраз на несигурноста на една нација, во државен смисол. Ако ги транспортираме сегашните стравови за наводното обезличување со промената на Уставот и непримерно големата улога што ѝ се придава на Софија, тогаш партизаните не би требало воопшто да излезат во горите и да се борат против бугарскиот, а подоцна и германскиот окупатор. Затоа што ако биле зафатени со ваков дефетизам кога ќе ја виделе бројноста на окупациската војска, тие би требало да се откажат од секој обид за востание и борби.

За време на Југославија пред сѐ Скопје беше дом на многу студенти, што од Блискиот Исток, што од Африка. Многумина од нив останаа овде, се оженија или омажија за тукашни жени и мажи. Тогашното општество беше потолерантно, поширокогледо. Сега се стутка во исплашеност, па дури и ксенофобија. Па и оние на кои тогаш не им пречеа тие студенти, а подоцна вработенени по болници и други претпријатија, влегоа во школката на примитивниот патриотизам. Македонија отиде десет чекори назад, наместо да оди 20 напред.

Љупчо Поповски, автор на колумната
Љупчо Поповски, автор на колумната

Така и споменувањето на увоз на работна сила, на пример од Непал, или Сирија, предизвикува наежување кај многумина. Стотици илјади Македонци се расштркани по светот по најневеројатни дестинации, од пацифичките острови, Индонезија, Гана, Буркина Фасо, Еквадор. Во мајндсетот на „загрижениот“ Македонец тоа изгледа како природна состојба – ние можеме да патуваме и работиме таму. Тоа е како некое природно право. Но некој да дојде од тие држави и да побара работа овде, ќе ги стегнеме усните и ќе завртиме со главата – „Што, пак, сега тој бара овде? Од каде ја најде баш Македонија“.

Некои паметни луѓе, а и некои партии се залагаат да се промени Уставот и Македонија да се трансформира во граѓанска, а не национална држава. Тоа не е лоша идеја, само што, барем во овој момент, има фалинка во неа. Многумина од тие што го поддржуваат тоа не би можеле да замислат некој како Хамза Јусеф да стане македонски премиер. Тоа би изгледало како некој вид национално предавство. Во тој наш Хамза Јусеф би гледале како на „шпион во нашите редови“, а не како на посветен македонски граѓанин, кој ќе се труди да направи сѐ најдобро за својата земја. За жал, тој хоризонт е уште многу далеку. Прашање е дали сега и воопшто можеме да го видиме.

 

Back to top button
Close