Војната во Иран носи милијарди: Нафтените компании, банките и оружјето во огромен профит

Додека граѓаните и компаниите ширум светот се соочуваат со раст на цените и економска неизвесност поради конфликтот меѓу САД, Израел и Иран, дел од најголемите светски корпорации бележат рекордни профити. Нафтените компании, големите банки и одбранбената индустрија се меѓу најголемите добитници од кризата што ја потресе глобалната економија.

Најсилното влијание од конфликтот се чувствува на енергетските пазари. Тензиите и блокадата на Ормутски Теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта и гас, предизвикаа остар раст на цените на енергенсите и дополнителен притисок врз светската економија.

Европските и американските енергетски компании веќе пријавуваат значителен раст на заработката. Британскиот BP го удвои профитот во првиот квартал од 2026 година и заработи 3,2 милијарди долари, додека „Шел“ оствари добивка од 6,92 милијарди долари. Францускиот TotalEnergies, пак, забележа раст на профитот од речиси 30 проценти, достигнувајќи 5,4 милијарди долари.

И американските гиганти ExxonMobil и Chevron ги надминаа очекувањата на аналитичарите, и покрај проблемите со снабдувањето од Блискиот Исток, а компаниите очекуваат дополнителен раст доколку цените на нафтата продолжат да растат.

Паралелно со енергетската криза, голем профит остваруваат и најголемите банки на Волстрит. JP Morgan пријави рекордни приходи од 11,6 милијарди долари во првите три месеци од годинава, додека шесте најголеми американски банки заедно заработиле речиси 48 милијарди долари. Аналитичарите оценуваат дека нестабилноста на пазарите и стравот од ескалација на конфликтот довеле до наголемено тргување и дополнителни приходи за инвестициските банки.

Воената индустрија исто така бележи силен раст. Компаниите BAE Systems, Lockheed Martin, Boeing и Northrop Grumman објавија рекордни нарачки, поттикнати од зголемените трошоци за одбрана во Европа и САД, како и од потребата за надополнување на воените резерви.

Кризата влијае и врз секторот за обновлива енергија. Поради високите цени на горивата, расте побарувачката за соларни панели, топлински пумпи и електрични возила. Компаниите NextEra Energy, Vestas веќе пријавија значителен раст на профитот, додека во Велика Британија продажбата на соларни панели е зголемена за 50 проценти од почетокот на конфликтот.

Back to top button
Close