„Мртва трка“ за претседател на скопскиот Кривичен суд
29.04.2026 17:30
598 1 минута читање
Судиите во Кривичниот суд, Даниела Димовска и Ивица Стефановски, влегуваат со речиси идентичен број бодови во финалето на изборот за нов претседател на Основниот кривичен суд – Скопје. Развојот следи по денешната одлука на Судскиот совет да изврши корекција на вонредното бодување на двајцата кандидати по огласот за пополнување на позицијата.
Поправката на бодовите беше извршена на приговори на двајцата кандидати, а поради грешки при внесувањето податоци во АКМИС-системот.
Седница на Судски совет (29 април 2026), фото: „360 степени“
„Кај судија Даниела Димовска е утврдено дека се бодува само со 4 бодови во дел на преиначени одлуки во однос на вкупен број на решени предмети, што е грешка на системот бидејќи во 2024, кога била распределена во одделот за организиран криминал и корупција, статистички има решено 29 предмети, односно 414% од нормата, а укинато само еден. Оттука, не може никако да биде 4 бодови поради преиначени одлуки. Соодветно ѝ се покачија бодовите согласно закон“
изјави членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска, која е известител за предметот.Стефановски, пак, приговарал на бодувањето за неговата работа во време кога го водеше предметот против Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишев.
„Кај судија Ивица Стефановски, неговиот приговор е по однос на неговата работа во текот на 2024 година и 2025 година, кога работел на кривичниот предмет за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Станува збор за многу сложен предмет и истиот напоменува дека во истиот период постапувал и по останатите предмети… комисијата одлучи да го прифати приговорот бидејќи постои упатство за пресметување на ефективни работни часови, каде се наведува дека за целите на оценувањето на квантитативните критериуми на бројот на решени предмети се зголемува доколку се работи за вонредно висок обем на работа и кога се работи за особено сложен предмет“изјави Јошевска-Анастасовска.
При првичното бодување, Даниела Димовска имаше 194 бода, а Ивица Стефановски 188. Сега, разликата е помала.
„Конечната пресметка за овие судии произлегува дека судија Даниела Димовска е оценета со вкупно 200 бода, секако позитивно. А, судијата Ивица Стефановски е со вкупно 199 бода, исто со позитивна оценка.“кажа Сузана Јошевска-Анастасовска.