Муцунски: Има засилена дискусија во Брисел за начинот на проширување – го очекуваме најдоброто, но се подготвуваме и за најлошо сценарио

Ние не отстапуваме од чекорите кон полноправно членство во Европската Унија и ќе продолжиме да работиме и на дијалог и на консттруктивни решенија, но исто така не смееме да искучиме дека може да настане некоја промена во модателитете на проширување на Унијата што би дошле од Брисел, вели шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски.

Момент од интервјуто на шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски за Телевизија Сител / Фото: Принтскрин

Според него, во Европската Унија има засилена дискусија за тоа како ќе изгледа проширувањето на Унијата во следните години, но сè уште, како што додава, нема никаков резултат од таа дискусија.

Муцунски ова го кажа во интеревју за Телевизија Сител, одговорајќи на прашањето дали верува дека процесот на обиди да се дојде до решение со Бугарија може да даде резултати во догледно време или пак нашата диломатија и Владата сега повеќе се фокусирани на алтернативни модалитети за членство во ЕУ, а за кои неодамна зборуваше премиерот Христијан Мицкоски, односно дека е можно Македонија да влезе во Унијата до 2027 година, но без прав на глас.

Шефот на дипломатијата вели дека овие модалитети поврзани со проширувањето ги споменуваат затоа што се дел од една реална дискусија што се води не само во Брисел, туку и кај самите земји членки на ЕУ.

„Неодамна бев и во Париз, се сретнав со министерот за Европа (на Франција н.з.), Бенџамин Хадад, со кого, меѓу другото, дискутирав и за сите вакви прашања. Факт е дека во Европската Унија има засилена дискусија за тоа како ќе изгледа процесот на проширување на ЕУ во следните години. Истовремено, факт е дека сè уште немаме никаков конкретен резултат од таа дискусија, но можеби ќе има во следните неколку месеци. И од таа гледна точка, ние не отстапуваме од чекорите кон полноправно членство и ќе продолжиме да работиме и на дијалог и на конструктивни и креативни решенија, но исто така не смееме да исклучиме дека може да настане и некоја промена“,

вели Муцунски кој во Вашингтон ја предводеше македонската делегација на втората сесија од Стратешкиот дијалог со Соединетите Американски Држави (САД).

Во тој контекст, шефот на дипломатијата вели дека актуелната Влада прави сè во очекување на најдоброто, но се подготвува и за најлошо сценарио.

„Тоа е работата на една држава“, додава Муцунски.

Тој не исклучува дека евентуална промена на политиката на проширување на ЕУ би можела да биде добро сценарио, но повторува дека како држава мора да бидеме подготвени за секоја одлука што ќе ја донесат земјите членки и институциите во Брисел, бидејќи во при одлучувањето ние како земја кандидат немаме право на глас.

„Јас не сакам да кажам дека промена на политиката на проширување би можела да биде лошо сценарио, напротив може да има некое креативно решение, одлично решение коешто ќе излезе од земјите членки и од европските институции, но ние мора да бидеме подготвени за секое сценарио. Не отстапуваме од првото, но се подготвуваме и за второто и за третото, а секако за сите овие сценарија клучен приоритет е патот кон некоја форма на членство во Европската Унија – полноправно членство, или доколу европските институции сами одлучат да го моделираат на поинаков начин патот за земјите од нашиот регион ние немаме право на глас, тие можат тоа да го одлучат без нас и ние мораме да се подготвуваме за тие потенцијални сценарија“, вели Муцунски.

Но, како што подвлече тој на крајот од одговорот на прашањето, Македонија не отстапува од членството во Европската Унија кое е стратешка цел на државата.

„Несомнено стратешкиот пат на државата е кон Европската Унија и кон институциите во Брисел“,вели министерот за надворешни работи и надворешна трговија.

Илустративна фотографија / Фото: Архива

За потсетување, премиерот Христијан Мицкоски на 19 февруари во телевизиско гостување изјави дека е можно Западен Балкан и Украина да влезат во Европската Унија како некаква комбинација, но без право на глас. Мицкоски тогаш рече дека во Брисел сè погласно се слуша идејата која го опфаќа мировниот план за Украина во кој, нејзината интеграција во Европската Унија, со цел идна реконструкција, би била на брза лента. Во таквите сценарија, како што рече, е вклучена и Македонија.

Премиерот тогаш тоа го означи како прво сценарио, според кое Украина заедно со Црна Гора, Албанија и Македонија би станале членки на ЕУ во 2027 година, но без право на глас.

Прашан за коментар на наводите на Мицкоски, евроамбасадорот Михалис Рокас, тогаш изјави дека процесот на пристапување во Европската Унија е дефиниран во договорите на ЕУ и оти тие не предвидуваат членство на нови земји без право на глас или вето.

Back to top button
Close