МВР: Извршувањето на забраната за управување со моторно возило повеќе не се врши со физичко впишување во возачката дозвола, стапува на сила по добивањето на втората порака
Согласно законските измени во делот на управната постапка која се однесува на возачките дозволи и начинот на извршување на прекршочната санкција „Забрана за управување со моторно возило“, определена со правосилни судски пресуди, извршувањето на забраната повеќе не се врши со физичко впишување во возачката дозвола. Со ова се укинува потребата граѓаните дополнително да плаќаат за издавање нова возачка дозвола со впишана забрана, со ист рок на важност. Наместо тоа, воспоставен е дигитален систем на известување преку две текстуални пораки (SMS) и електронска пошта (e-mail), информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Процес на известување и почеток на забраната, како што велат, е во две фази, односно се добиваат две пораки, а забраната започнува од моментот на приемот на втората порака.
-Граѓаните ќе ја добијат првата порака приближно седум дена по пополнувањето на изјавата со контакт податоци. Оваа порака содржи информации за видот и времетраењето на изречената забрана. Осум дена по примањето на првата порака, на граѓаните ќе им биде доставена втора порака. Забраната за управување со моторно возило официјално започнува да тече од моментот на приемот на втората порака, прецизираат од МВР.
Нагласуваат дека Министерството во следната фаза ќе овозможи извршувањето на забраната да започнува веднаш по ажурирањето на податоците.
-Досега, согласно новиот начин на извршување, реализирани се над 3000 забрани за управување со моторно возило, изречени со правосилни судски пресуди. Нагласуваме дека забраната не започнува да тече од денот на пополнување на изјавата во Одделенијата за управни работи, туку исклучиво по приемот на втората текстуална порака. Ги повикуваме сите граѓани за кои има донесено правосилни пресуди со ваков вид санкција, а кон кои е испратена покана од страна на Министерството, да се упатат во надлежните организациони единици за управни работи, велат од МВР.
Целта на посетата, како што нагласуваат, е доставување и ажурирање на личните контакт податоци (број на мобилен телефон и е-маил адреса), што е неопходен предуслов за правилно и навремено извршување на санкцијата и избегнување дополнителни недоразбирања.
-Дополнително, ги известуваме и сите граѓани кои имаат за цел да избегнат извршување на забраната, а за кои Министерството веќе располага со контакт податоци, дека санкцијата ќе биде реализирана, а тие ќе бидат известени преку СМС порака и електронска пошта. Покрај извршувањето на забраните изречени со правосилни судски пресуди, паралелно и целосно автоматизирано се спроведува и извршувањето на забраните констатирани преку системот Безбеден град. Известувањето се врши на ист начин – преку СМС порака и електронска пошта – за сторени прекршоци за кои според закон е предвидена ваква санкција и за кои граѓаните ја прифатиле одговорноста и ја платиле предвидената глоба. Со воведувањето на овие измени, процесот станува побрз, поефикасен и значително се намалуваат административните процедури за граѓаните, порачуваат од МВР.






