МВР: Петардите се опасни и штетни, засилени акциски контроли за празниците

Со цел побезбедни празници – да не се употребува пиротехника, апелираат утрово од Министерството за внатрешни работи.

Министерството ги повикува граѓаните за време на новогодишните празници максимално да се воздржат од употребата на пиротехнички средства. Петардите не се играчка, нагласуваат, нивното користење е строго забрането, а празничното пукање со петарди може да биде исклучително опасно по животот и здравјето, оставајќи екстремно тешки последици што можат да запечатат нечиј живот.

 

– Петардите се опасни и штетни. Aктивностите на Министерството за внатрешни работи во борбата против пиротехниката се континуирани, со засилена динамика пред и за време на празниците, имајќи го предвид сезонскиот предзнак на пиротехниката, сѐ со цел да ја зголемиме свесноста кај младите, но и кај нивните родители, укажувајќи дека петардите не се играчка, туку опасни средства што можат да нанесат ненадоместливи и трајни последици по здравјето на младите, наведува во видео – изјава, портпаролот Гоце Андреевски.

 

Од МВР нагласуваат дека Министерството презема и акциски контроли, со цел санкционирање на употребата на петарди и други пиротехнички средства и ги потсетува граѓаните за законските одредби каде е санкционирана употребата на пиротехнички средства, како и нивната нелегална продажба.

 

– Така, Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба за оној кој неовластено употребува пиротехнички средства. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: тој кој неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи што на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор, потенцираат од Министерството.

 

МВР во соработка со партнерите од невладините организации и други институции продолжува со активностите во оваа насока.

– Апел и до родителите да не им купуваат пиротехника на своите деца затоа што тоа може да има трагични последици. Апелираме до граѓаните да ги почитуваат законските прописи и да соработуваат со полицијата. Сите нарушувања на јавниот ред и мир да ги пријават во полициска станица или преку телефонските броеви 192 или 112, истакнуваат од Министерството.

Back to top button
Close