МВР со детали за голема полициска акција во Скопје, Тетово и Гевгелија
Министерството за внатрешни работи денеска спроведува голема полициска акција насочена кон сузбивање на криминална група осомничена за криумчарење и нелегална трговија со лекови, медикаменти и суплементи, како и за коруптивни кривични дела.

Акцијата започнала во утринските часови на 21 септември, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.
Според информациите од МВР, полициски службеници постапуваат на повеќе локации во Скопје, Тетово и Гевгелија. Првичните информации се дека се лишени од слобода повеќе лица, додека по други осомничени лица сè уште се трага.
Во рамки на акцијата се вршат претреси на повеќе од десет локации. Според досегашните информации, меѓу осомничените има и лица вработени во Царинската управа.
При претреси во правни субјекти во Скопје и Тетово, полицијата пронашла магацин со различни медицински лекови, како и машина за екстракција на масло.
Одделот за сузбивање на организиран криминал при Бирото за јавна безбедност постапува по сомненија за криумчарење, повреда на права од индустриска сопственост, давање и примање поткуп и перење пари.
Од МВР најавуваат повеќе детали по завршувањето на оперативните активности и целосното документирање на случајот.






