На 24 август ќе стартува судењето против Груби, во домашен притвор може да биде максимум уште два месеца
Откако од Обвинителството информираа дека е поднесено обвинение за случајот ,,Лотарија”, во кој меѓу обвинетоте е и поранешниот вицепремиер Артан Груби, од Кривичниот суд појаснуваат дека судењето ќе стартува на 24 август.

-Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинение против Артан Груби и други лица. На сите обвинети им се става на товар кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 4 в.в. став 1 в.в. член 22 од Кривичниот законик. Преку автоматска распределба предметот е распределен кај судијата Билјана Шуплиновска – Јовевски и истиот е насрочен за 24 август во 10 часот, велат од Кривичниот суд.
Груби веќе шести месец е во куќен притвор, а мерката може да продолжи максимум уште два месеци.
-Со оглед дека Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог, мерката притвор согласно со член 470 став 4 од Законот за кривична постапка може да биде најдолго 60 дена од денот на поднесување на предлогот до завршување на главната расправа, односно најдолго 60 дена од денес, појаснуваат од Кривичниот суд.






