Најавите за мое разрешување се политичка одлука на Владата и не се во моја надлежност – вели Коцевски

Имено, Мицкоски на минатонеделниот брифинг со новинарите во пресрет на партискиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу другото, кажа дека Владата многу наскоро ќе почне постапка за разрешување на Коцевски.
„Ќе го дадам истиот коментар што го давам неколку месеци, тоа е нивна политичка одлука, така што во тој дел нама што повеќе да кажам“,изјави државниот јавен обвинител.
Одговарајќи на дополнително прашање дали има некакви правни дилеми околу целата постапка, Коцевски рече дека за да биде разрешен, според актуелниот закон, требало да стори некаква тешка дисциплинска постапка. Во неговиот случај, како што кажа, такво нешто нема, а тоа го потврдува и мислењето на Советот на јавни обвинители.
„Согласно законот, важечкиот закон, јас треба да сторам тешка дисциплинска повреда. Советот на јавни обвинители констатираше дека од моја страна не е сторена тешка дисциплинска повреда, понатаму постапката е – оди предлогот до Влада, односно Владата може да го достави до Собранието, тоа не е моја надлежност“,
изјави Коцевски.
За потсетување, на почетокот на годината Владата иницира постапка за разрешување на Коцевски од функцијата државен јавен обвинител, која беше прекината по пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.
Мицкоски тогаш изјави дека постапката треба да остане во фазата во која се наоѓа во моментот поради настанатата трагедија и дека на обвинителскиот тим треба да му се даде шанса да работи на истрагата.
На 29 јули пратениците со 71 глас „за“ ја изгласаа интерпелацијата на државниот јавен обвинител, што ја поднесе опозициската Левица.
По изгласаната интерпелација, Мицкоски на почетокот на август изјави дека правните ограничувања во предизборниот период го блокираат процесот за преземање конкретни чекори за продолжување на постапката за разрешување на Коцевски.
Премиерот во периодот пред изборите, говорејќи во контекст на реформите во правосудниот систем, жестоко ги нападна судиите и јавните обвинители, за кои рече дека не ги заслужуваат платите што сега ги земаат, а не, пак, нивно покачување, што, во суштина, според него, предвидуваат реформските закони.
Дека најавите за негова смена се политички мотивирани, Коцевски кажа и во интервјуто за „360 степени“ емитувано неодамна на МРТ 1.
Коментирајќи ги неговите изјави во интервјуто, премиерот Христијан Мицкоски рече оти не очекувал дека јавниот обвинител ќе каже „Да, виновен сум, не успеав во својата работа“.
„Еве јавноста гледа и сведочи за неговата работа, за работата на Обвинителството, на судовите. Повторно ќе кажам, малкумина за жал, како и тој, е заробеник на тие малкумина во рамките на Обвинителството имаше можност и шанса, но за жал не ја искористи“,
изјави Мицкоски на 25 ноември.






