На чекор до Трета светска војна

Денко Малески

Според мислењето на некои експерти, ние сме веќе во Трета светска војна, ќе изјави студено рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Не баш, ама не сме далеку. Она што ќе се случува до крајот на оваа недела може да ја определи судбината на светскиот мир. Имено, од Јапонското море кон Заливот плови нова американска армада со над 2000 маринци кои можат да се употребат за почеток на копнени операции на Америка во Иран. Која точно ќе биде целта, дали заземање на Ормускиот теснец, остров во близина или некаква дестинација внатре во земјата, не е познато.

Воените стручњаци предупредуваат дека ова би било самоубиствена акција на американските војници, но истите воени стручњаци на чело со генерал Дејвис, првиот човек на американската војска, го предупредија претседателот Трамп дека целата операција за напад на Иран, од аспект на реализирање на посакуваните цели, тешко ќе успее, па сепак се случи.

Каква ќе биде реацијата на двете ривалски големи сили на Америка – Русија и Кина? Дали ќе му притекнат на помош на Иран или само ќе ги следат настаните? Иран, да потсетам, граничи со Русија во Каспиското море. Кина, има долга граница со Русија. Значи. Се работи за три соседни земји. Зборот ми е дека одлука на Москва и на Пекинг да се помога на Иран во војната со Америка и со Израел би значело лесен и неограничен дотур на дронови, ракети и друго оружје од Кина и од Русија на боиштата. Кога се знае дека целата математика околу војната е кој ќе има повеќе ракети и дронови, руските и кинеските фабрики за оружје ставени на страна на Иран, се победници. Се разбира, исходот на војната зависи и од тоа колку можат да издржат Иранците и дали нема да потклекнат на американските и израелските напади. Засега, такви знаци нема. Напротив, народот се солидаризира со власта.

Сè yште нема знаци дека преку границите се испорачува оружје, барем она што може да се види од американските сателитески снимки, кои би ја алармирале јавноста, но прашањето е дали двете големи сили ќе ја пропуштат шансата да го ослабнат ако не и поразат ривалот преку прокси-војна во Иран. Особено Русија, во која спорото напредување на руските војски во Украина и воздржаноста на Путин кон воените авантури на Трамп, го направија рускиот претседател предмет на критики внатре во земјата.

Ако логиката во Украина беше дека Русија не смее да изгуби зашто ќе употреби нуклеарно оружје против Украина, не ли е истата дилема и со Иран: дека Америка не смее да изгуби зашто ќе употреби нуклеарно оружје, свое или преку Израел? Ситуацијата, сепак, не е идентична зашто додека Русите на ширењето на НАТО во Украина гледаа како на егзистенционална закана, Американците не гледаат на Иран, како, впрочем, ниту на Украина како на егзистенционална закана за Америка. Напротив: мнозинството Американци се против секакви воени авантури за промени на режими и заради тоа гласаа за Трамп. Затоа, додека во случајот со Русија, ширењето на НАТО во Украина го мобилизира народот околу руското раководство, во Америка деновиве се одвива обратниот процес. Расте анти-военото расположение, но и анти-израелското, паралелно со пораста на свеста дека Америка била турната во војната не затоа што тоа било интерес на Америка туку на Израел. Ноемвриските избори во Америка се ближат, а она што требаше да биде уште една викенд-војна на Трамп, налик на онаа со Венецуела, нема изгледи да запре. За тоа да се случи Иранците бараат нешто што е незамисливо за Трамп: воено повлекување на Америка од Персискиот залив, гаранции дека нема да има нови напади врз Иран и репарации за направените штети. Без исполнување на тие услови, изјавуваат иранските власти, не ја запираме војната.

Америка доживувала воени порази од послаби од себе, како во Виетнам, на пример, ама не посегнала по нуклеарно оружје. Дали истото ќе се случи и после евентуалниот пораз во Заливот. Тоа никој не може да го каже со сигурност. Особено не сега кога Америка ја има таа несреќа претседател да е Доналд Трамп кој, најблаго речено, е непредвидлив, а според проценки на психолози и психијатри страда од некоја форма на деменција комбинирана со малигнен нарцизам. Томас Хобс, има запишано дека војни почнувале заради тоа што еден владетел „криво погледнал“ друг. До појавата на Доналд Трамп, мислев дека е ова малку претерано.

 

Back to top button
Close