Најдени траги: Лицата кои успеале да поместат трансформатори од 27 тони и украле бакар во Драчево, направиле и грешки при кражбата

Огромна материјална штета е предизвикана на македонската железничка инфраструктура откако крадци демонтирале и уништиле два железнички трансформатори тешки по 27 тони во трафостаницата кај Драчево. Кражбата го парализирала железничкиот сообраќај, истрагата веќе го стеснува кругот на можните сторители.

Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, за „Скопје1“ вели дека целта на сторителите била да го извадат бакарот од трансформаторите, кои поради начинот на кој биле демонтирани повеќе не можат да се санираат.

„Трафоата се тешки по 27 тона. Тоа се наоѓа на отворена пруга под Драчево. Самото трафото е поместено од лежиште за пет метри. Некој успеал да премести 27 тона цели пет метри. Го размонтирале, украле сѐ што е бакар. Невозможно е да се санира“, изјави Ивановски за „Скопје1“.

Неофицијално, вредноста на уништените трансформатори надминува три милиони евра, додека првичните проценки за вкупната материјална штета достигнуваат околу пет милиони евра.

Според сознанијата на „Скопје1“, сторителите најверојатно добро ја познавале железничката инфраструктура и знаеле дека на локацијата нема напон поради реконструкцијата што била во тек. За извршување на кражбата биле користени специјализиран алат и хидраулична дигалка, а истражителите утврдуваат по кој пат механизацијата била донесена до местото.

На местото на кражбата, според информациите на „Скопје1“, биле пронајдени траги, меѓу кои и ракавици од кои се обезбедуваат ДНК-траги што треба да помогнат во идентификацијата на сторителите.

„Откриено е утринава, при редовна контрола. Малку се оние кои ја разбираат оваа струја“, додава Ивановски.

Back to top button
Close