„На гостиварци им течел отров од чешмите, а институциите спиеле“, велат од Левица

Левица преку соопштение реагираше по најновите информации од Основното јавно обвинителство – Гостивар за случајот со загадената вода за пиење, оценувајќи дека наодите покажуваат сериозен институционален пропуст и барајќи истрагата да ги опфати сите одговорни.

Од партијата тврдат дека, според информациите од обвинителството, во водоснабдителниот систем со пумпи била внесувана силно загадена површинска вода од отворен канал, која содржела високи концентрации на фекални бактерии. Дополнително, наведуваат дека во водата од чешмите било измерено ниво на резидуален хлор над законски дозволените граници.

Левица обвинува дека жителите на Гостивар речиси три недели биле изложени на ризик, додека, според нив, надлежните институции не презеле навремени мерки.

Во реакцијата се поставуваат прашања за постапувањето на Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, Центарот за јавно здравје – Тетово, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и Општина Гостивар, со оценка дека институциите не реагирале соодветно.

Партијата посочува и на стручно мислење издадено од Центарот за јавно здравје – Тетово на 29 јуни, во кое, според нив, било наведено дека испитаниот примерок вода ги исполнува законските критериуми. Од Левица бараат Обвинителството да ја обезбеди целокупната документација поврзана со тој извештај, а Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје да спроведат дополнителни проверки.

Левица оценува дека приведувањето на тројца раководители од ЈП „Комуналец“ – Гостивар не смее да биде единствениот исход од истрагата и бара таа да ги опфати сите лица кои, како што наведуваат, наредиле, знаеле, прикривале или не постапиле навреме во врска со случајот.

Back to top button
Close