На изборите во Бугарија ќе се гласа само машински

По неколкучасовна расправа, бугарскиот Парламент денеска едногласно, во прво читање, ги усвои измените во изборните правила, што беа предложени од партијата на „Има таков народ“.

Како што јавува дописникот на МИА од Софија, измените предвидуваат гласањето да биде само со машина и да има видео надзор при пребројувањето на резултатите до одделните изборни комисии. Исто така, новина е гласањето по пошта во странство, а се укинуваат ограничувањата за избирачки места надвор од земјите на ЕУ, како и создавањето една изборна единица „Странство“, но таа ќе се формира по пописот во Бугарија.

Измените предвидуваат и создавање нова Централна изборна комисија, избрана по процедура на бугарскиот претседател, но предложена од партиите во Националното собрание.

Во второ читање, меѓутоа, се очекува со сигурност да бидат усвоени видео надзорот при пребројување на изборни резултати и машинското гласање, што не го најавуваат само новите партии во парламентот, туку и Бугарската социјалистичка партија и Движењето за права и слободи. Второто читање се очекува следната недела.

Бугарскиот Парламент денеска не усвои уште пет предлог-закони.

Актуелната владеачка партија во Бугарија -ГЕРБ остана осамена и никој не ги поддржа мнозинските избори за пратеници. Ова ја предизвика најголемата полемика од денешниот пленарен ден, бидејќи партијата на Бојко Борисов го обвини „Има таков народ“ на Слави Трифонов дека се откажува од тоа. Тезата на ГЕРБ е дека двете партии го имаат потребното мнозинство за да можат да го прифатат точното реонизирањето, што беше предложено пред пет години од тимот на Слави Трифонов.

Back to top button
Close