На КРИК гостува Шејла Камериќ

Уметница што ни нуди привремен простор за заедништво

Во рамките на годинашната програма на КРИК – фестивал за критичка култура, во Музејот на современа уметност, вечера, во 18 часот ќе биде претставена инсталација на една од меѓународно најзначајните уметници од регионот, Шејла Камериќ.

По меѓународното претставување на инсталацијата во Виена, овој комплексен политички и интимен проект ќе биде претставен во присуство на уметницата Камериќ.

Јавното обраќање на авторката и организаторите ќе се одржи во 19.30 часот.

Уметноста на Шејла Камериќ повеќе од две децении отвора простор за размислување за она што Балканот, Европа и светот воопшто, често се обидуваат да го потиснат: сеќавањето, траумата, насилството, идентитетот, политичката одговорност и кревкоста на заедничкиот живот. Камериќ создава дела што зборуваат од конкретно историско и лично искуство, но отвораат и прашања што се однесуваат на сите нас: Како се сеќаваме? Што значи да бидеме сведоци? Како да останеме чувствителни на туѓата ранливост во време кога насилството, кризите и неизвесноста стануваат дел од секојдневието?

– Нормализацијата на ужасот е алармантен симптом на кој мора да му се спротивставиме под сите околности. Искушението да се приклучиме кон дигиталниот хор на анонимни коментари често е огромно, иако тоа толку често не произведува ништо повеќе од дополнителна омраза и поделби. Истовремено, покрај овие пошироки реалности, постои и она длабоко лично: приватните секојдневни грижи, загуби, стравови и интимната тага. Оваа збунувачка мешавина од емоции придружува многумина од нас и, повеќе од кога било, треба да се уверуваме едни со други дека не сме сами во оваа состојба што ја нарекуваме сегашност. Особено сега, потребни ни се посветени чинови на заедничка емпатија и солидарност во нашата споделена ранливост. Шејла Камериќ ни нуди токму таква можност: привремен простор за заедништво и внимателно почитувачко преиспитување – вели кураторот Астрид Петерле.

Шејла Камериќ (родена 1976 година, Сараево) е меѓународно признаена визуелна уметница чии дела ги истражуваат сеќавањето, идентитетот и политиките на наследството на конфликтот. Таа е позната по своите интимни социополитички коментари, кои се проткајуваат низ нејзината разновидна уметничка практика.

Back to top button
Close