Најмалку 147 луѓе се убиени од почетокот на судирите меѓу безбедносните сили и борците лојални на Асад во сириската провинција Латакија

Најмалку 147 луѓе се убиени во изминатите 24 часа во Сирија во тековните жестоки судири во крајбрежната провинција Латакија меѓу владините безбедносни сили и борците лојални на соборениот претседател Башар Асад, јави ДПА, повикувајќи се на Сирискиот центар за мониторинг на состојбата со човековите права.

Рами Абдул Рахман, директор на невладината организацијата за мониторинг со седиште во Велика Британија, за ДПА изјави дека меѓу загинатите има седум цивили. Тој нагласи дека центарот документирал „60 егзекуции од двете страни“.

Борбите во провинцијата Латакија, упориште на алауитите – малцинска верска заедница на која и припаѓа соборениот претседател Башар Асад – се најкрвавите од неговото соборување на почетокот на декември, забележува ДПА.

Шефот на сириските разузнавачки служби, Анас Хатаб, напиша во „Икс“ дека „првичната истрага покажува дека поранешни воени лидери и тие од сферата на безбедноста поврзани со непостоечкиот режим стојат зад планирањето на овие злосторства“.

Back to top button
Close