Најмалку 188 деца убиени или ранети од неексплодирани проектили во Сирија во последните три месеци

Најмалку 188 деца се убиени или ранети од неексплодирани мини во Сирија во последните три месеци, што претставува растечка закана во време кога семејствата се враќаат во своите домови, соопшти денеска невладината организација „Спасете ги децата“.

Според организацијата, повеќе од 60 од овие деца загинале по падот на претседателот Башар ал Асад на 8 декември, по повеќе од 13 години граѓанска војна.

– Во изминатите три месеци, најмалку 188 деца беа убиени или ранети, што е во просек две деца на ден, изјави Бујар Хоџа, директор на „Спасете ги децата“ за Сирија.

Тој предупреди дека оваа бројка би можела да се зголеми бидејќи сè повеќе деца се враќаат во своите домови, учествуваат во обработка на земјата, бараат храна или играат на отворено.

Вкупниот број на жртви, според организацијата, изнесува најмалку 628 лица од сите возрасти во изминатите три месеци, што е повеќе од две третини од вкупниот број убиени и ранети во целата 2023 година. Не е прецизирано колку од овие случаи се смртни.

„Спасете ги децата“ ги повикаа властите да ги забрзаат напорите за чистење на мините и неексплодираните проектили.

– Мините и експлозивните направи се широко распространети низ Сирија по војната, во која загинаа повеќе од половина милион луѓе, а над 10 милиони станаа бегалци или внатрешно раселени лица, нагласи Хоџа.

Фото: архива

Back to top button
Close