Најмалку 20 ученици загинаа при превртување автобус во Уганда
Најмалку 20 ученици и едно возрасно лице загинале кога се превртел автобусот со кој патувале на училишна екскурзија во источниот дел на Уганда, соопштија локалните власти.

Во несреќата што синоќа се случила во областа Капчорва, повредени се десетици лица, меѓу кои и членови на училишниот персонал.
Според првичната истрага, возачот изгубил контрола над автобусот поради механички дефект. Полицијата соопшти дека возилото излетало од патот, удрило во голем камен покрај коловозот и потоа се превртело.
Автобусот превезувал ученици од основното училиште „Крал Давид“ во Ндеје и се превртел околу 20 часот по локално време во селото Чекватииту, во областа Кавова.
Учениците се враќале од студиска екскурзија, во посета на водопадите Сипи.





