Најмалку 23 лица повредени во земјотресот во североисточна Јапонија кој предизвика цунами

Во силниот земјотрес, кој вчера ја погоди североисточна Јапонија, повредени се 23 лица. Потресот предизвика и цунами со бранови високи до 70 сантиметри во населени места по пацифичкото крајбрежје, соопштија локалните власти.

Едно лице е тешко повредено, соопшти Агенцијата за пожари и природни непогоди. Повеќето од повредените биле погодени од паѓање предмети, јави јапонската телевизија НХК.

Околу 800 домаќинства останале без електрична енергија, информира главниот секретар на кабинетот, Минору Кихара. Тој изјави дека во нуклеарните електрани во регионот се вршат проверки и досега не се откриени неправилности.

Кихара додаде дека е запрен сообраќајот на брзите возови „шинкасен“, а прекинато е и движењето на неколку регионални линии.

Јапонската Влада соопшти дека сè уште се проценуваат штетите од земјотресот, кој ја погоди земјата околу 23:15 часот по локално време (16:15 часот по средноевропско време). Епицентарот бил во Пацификот, околу 80 километри од брегот на Аомори.

Премиерката Санае Такаичи изјави дека е формиран кризен штаб за брза процена на состојбата. – Приоритет ни е заштитата на животите на луѓето и правиме сè што е во наша моќ, рече Такаичи.

Бранови од 70 сантиметри се измерени во пристаништето Куџи во префектура Ивате, јужно од Аомори, а по крајбрежните населени места регистрирани се бранови до 50 сантиметри.

Националната метеоролошка служба соопшти дека магнитудата на земјотресот е коригирана на 7,5 и издаде предупредување за цунами до 3 метри на одредени локации. Метеоролозите предупредија и на можни силни вторични потреси во следните денови, со малку зголемен ризик од земјотрес со магнитуда околу 8, како и нови цунами по североисточното крајбрежје од Чиба до Хокаидо.

Агенцијата апелираше жителите на 182 општини во регионот во наредната недела да бидат подготвени за можни нови непогоди.

Back to top button
Close