Најмалку 64 мртви во вчерашниот напад на етиопската армија врз селото Тогоги, во покраината Тигреј

Најмалку 64 лица загинаа, а 180 се повредени во вчерашното бомбардирање на пазар во етиопското село Тогоги, во провинцијата Тигреј, за што е одговорна етиопската армија, изјави денеска за француските медиуми првиот човек на здравствствената служба во преодната регионална администрација Мулу Атсбаха.

-Досега во Тогоги имаме 64 мртви и 180 ранети. Пазарот е бомбардиран, така што има голем број ранети, рече Атсбаха, од преодната регионална администрација задолжен за здравјето на мајките и децата.

Бројот на загинати се темели на „изјави на локални лидери и жители на Тогоги“, додаде членот на регионалната администрација формирана од федералната влада во Адис Абеба по воената офанзива, што почна во ноември против одметнатите регионални власти кои излегоа од Ослободителниот фронт на Тигар. (TPLF).

Оваа офанзива се претвори во конфликт што трае повеќе од седум месеци и е одбележан со многу приказни за злосторства врз цивили, масакри и силувања.

Портпаролот на етиопската војска, полковник Гетнет Адана, за француските медиуми денеска изјави дека федералните сили навистина спровеле операција во селото Тогоги, но дека таа била исклучиво насочена кон борци лојални на поранешните регионални власти.

Тој како „неприфатливо“ го оцени тврдењето дека во операцијата цел биле цивили.

Бомбардирањето уште вчера го осудија Обединетите нации, САД и Европската унија, а папата Франциск денеска изрази загриженост и страв за ситуацијата во Тигреј. сд/

2021-06-24 17:59:29, од Сашко Димевски

Back to top button
Close