На „Охридско лето“ музичка вечер посветена на композиторот Томе Манчев

Музичката програма за денешниот ден во рамки на Фестивалот „Охридско лето“ предвидува вечер посветена на македонскиот композитор Томе Манчев (1950-2020).

На програмата на вечерашниот концерт се негови дела за најразлични солисти изведувачи Марјан Милошевски на фагот, Весна Ангеловска – Христов на пијано, „Санаториумска балада“ во исполение на Горан Начевски – баритон во придружба на Елена Атанасовска – Ивановска на пијано, Соната „Ламентозо“ за виолина и пијано со Љубиша Кировски и Маја Шутевска Кировска, потоа Танец за ударни инструменти и пијано во исполнение на Антоние Весковски – ударни инструменти и Весна Ангеловска – Христов на пијано, со Маја Чанаќевиќ и Валентина Велковска – Трајановска како модератори.

Томе Манчев спаѓа меѓу најафирмираните композитори, неговото творештво се карактеризира со индивидуален стил и јазик како негов личен творечки печат. Претставник е на македонската национална композиторска школа, со извонредно значаен творечки опус, со многу изведени, снимени и печатени дела во земјава и странство (Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина, Чешка, Полска, Кина, Русија, Украина, Албанија, Узбекистан, Австрија, Франција, Австралија, САД, Бугарија и др).

Проф. д-р Томе Манчев најпрвин дипломирал на педагошкиот (1973), наставно-теоретскиот (1975) и композиторскиот оддел (1979) во класата на академик проф. Властимир Николовски на Високата музичка школа денешен Факултет за музичка уметност во Скопје. Образованието го продолжил на Музичкиот факултет во Прага, Р. Чешка, на студиски престој (1980–1981), а потоа продолжил и дипломирал (1988) на највисокиот степен на студии: Уметничка аспирантура од областа композиција под менторство на професорите: Ј. Дворжачек и Ј. Церемуга. Манчев вторпат со титулата доктор на музички науки, но овој пат доктор по уметнички науки втор степен, се стекнал во 1999 година на државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија – Р. Бугарија, под менторство на проф. д-р Д. Сагаев.

Томе Манчев е искусен автор со исклучително творештво, кој со својот едукативен и творечки приод претставуваше пример за активен, ангажиран и многу искусен педагог што целосно и несебично им се посвети на студентите до последниот момент од својот живот. Манчев беше музички писател и истражувач со впечатлива научна и публицистичка дејност, но беше и активен, истакнат општествен деец. Добитник е на две награди за животно дело, повеќе награди за своето творештво, благодарници и дипломи за својата дејност.

Концертот ќе се одржи во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток од 21 часот.

Back to top button
Close