На последниот боем и Славеј и Биљбиљ

Славе Биљбиљ, скопска урбана легенда, денес на Свети Никола ненадејно гледајќи филм на телевизија замина во вечните ловишта на 76 години. Само пред три дена ми го кажуваше со неговиот карактеристичен стил за црн хумор сценариото како е најдобро да замине од овој свет. Рече, нека дојде душевадникот и нека заврши работа моментално, да отпатувам наеднаш завален на фотелја со чаша виски и како што испеа Ѓорѓе Балашевиќ за Васа Ладачки „ко да дрема ко да спава“. И така би. Нашиот и Славеј и Биљбиљ престана да „пее“ во еден миг. Го удри дамла во големото срце.

Неговата смрт стана вест која за неколку минути го обиколи светот. Телефонот не престанува да ѕвони, се јавуваат со неверица нашите пријатели од Белград, Загреб, Сплит, Софија, Лос Анџелес, Кејптаун, Перт, Велес, Струмица, Солун, Охрид… прашуваат дали е вистина, да не е некоја несолена шега. Ќешки да беше така.

Нашето пријателство е подолго од половина век. Неговата животна патека е неверојатен документарец. Тргнува од Дебар Мало како дете, преку Зрењанин повторно во Скопје, во меани, кафеани, биртии, на стадиони, тениски терени, ексклузивни хотели и ресторани, академии на науки, покрај реки и езера… кај што најмалку се надеваш ќе налеташ на Славе. Омилен соговорник и патувачки филозоф во друштво на најголемите ЈУ ѕвезди, актери, режисери, музичари, пејачи, писатели, спортисти, академици, политичари, претседатели, премиери, министри, бизнисмени, новинари, разузнувачи, рибари, бавчованџии, „скупљачи перја“, разни мајстори на својот занает… но секогаш свој и оригинален Биљбиљ по име, но орел, благороден високолетач по карактер. Неповторлив. Никогаш сервилен и снисходлив, никогаш циција и тамаќар, секогаш отворена рака и кавалер.

Славе Биљбиљ беше главен гостин во неговите и во туѓите кафани, посакуван муштерија на скопските пазари и касапници, на најквалитетните стоки кој не прашува колку чини зајрето за да приготви софра која останува во сеќавање не само поради вештината на врвен кулинар, со рецепти што не ги знае ни Џејми Оливер, туку поради дружбите кои влегуваат во анталогијата на ориенталната кујна. Уште долго ќе се прикажуваат догодовштините и анегдотите, по мое, на последниот скопски боем.

Целиот текст на Ерол Ризаов на следниот линк.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close