На Света Гора од Ковид-19 починале најмалку 40 монаси  

Најмалку 40 монаси на Света Гора починале од Ковид-19, од вкупно 1.800 монаси, околу 1.000 се разболеле, а само 500 се вакцинирани, пишува грчкиот весник „Та неа“.

Игуменот од еден од манастирите, архимандритот Вартоломеј за весникот вели дека процените се дека над 40 монаси починале од Ковид-19, од кои двајца вчера и додава дека некои монаси се хоспитализирани и приклучени на апарати на интензивна нега.

Весникот пишува дека еден манастир е во карантин, два –три манастири, превентивно се затворени за верниците, а меѓу постојаните жители на Света гора има и 400 монаси од Србија, Романија, Бугарија и Русија, кои категорично одбиваат да се вакцинираат и кога дел од нив се разболеле, побарале лекари од Белград, бидејќи не сакале лекување од грчки лекари.

Според „Та неа“, но и според натписите во грчките медиуми од изминатиот период за време на пандемијата, на Света Гора постојат постари монаси кои се категорично против вакцинацијата и се најгласни меѓу антиваксерите, а воедно, ги советуваат и верниците кои ги посетуваат дека не треба да се вакцинираат.

По изјавите на монах од Света гора дека постојат монаси – антиваксери кои со нивната реторика ги повикуваат верниците да не се вакцинираат и се одговорни за многу смртни случаи, пред неколку дена реагираше Обвинителството во Солун и покрена истрага за евентуално ширење лажни вести.

 

Back to top button
Close