Највозрасниот тренер заминува од Премиер лигата
Највозрасниот фудбалски тренер во Премиер лигата, 73-годишниот Рој Хоџсон, на крајот од оваа сезона ги напушта редовите на екипата на Кристал Палас и веќе нема да предводи друг англиски прволигаш.
Пoследниот премиерлигашки натпревар во кариерата на Хоџсон ќе биде дуелот меѓу Палас и Ливерпул в недела.
– По повеќе од 45 години минати како тренер, одлучив дека е време да ја напуштам најсиланата англиска лига. Мислам дека зад нас е уште една успешна сезона во која обезбедивме место во првата лига и сега е вистинско време да се опуштам, изјави Хоџсон за официјалниот сајт на лондонски Кристал Палас.
– Во текот на кариерата имав голема поддршка од сопругата и семејството, и веќе подолго време размислував за ваква одлука, додаде Хоџсон.
На прашање дали заминува во тренерска пензија, Хоџсон одговори: „Никогаш не се знае. Некое време навистина ќе бидам далеку од фудбалот, но којзнае каква ќе биде иднината?“.
Тренерската кариера ја започна во шведски Халмштад во 1978 година, а потоа седеше на клупите на многу клубови, вклучувајќи ги Ливерпул, Интер, ВБА, Блекбурн, Грасхоперс, Удинезе… Од 2017 година го тренираше Кристал Палас и клубот под негово водство стана стабилен премиерлигаш.
Хоџсон беше и селектор на Англија, Швајцарија, Финска и на Обединетите Арапски Емирати.