Нација во исчезнување

Почитувани читатели, животното искуство кое го имам зад себе и природниот благослов кој го имам во себе, а тоа е моето физичко и ментално здравје, ми даваат сила и понатака да продолжам со анализа на битните нешта од нашето секојдневие.

Македонец сум и по мајка и по татко, воспитан да го носам во себе сето богатство на мојата македонска посебна припадност, како вера, религија, обичаи, традиции и многуте културни богатства наследени од нашите предци. Единственото нешто што немам, и благодарен сум му на Бога за тоа, е генот за самоуништување, вкоренет во колективната меморија на нација која и низ историјата се самоуништувала.

Неодамна гостував во поткастот „УРОК„ на Сергеј Варошлија. Спонтано, низ опуштен разговор искрено раскажував за својот живот од најраното детство до ден денешен.

Поткастот беше проследен од голем број наши сограѓани, знајни и незнајни. Едни ме познаваат и поддржуваат, други не знаат ништо за мене, но си земаат за слобода и право да ме судат, навредуваат, омаловажуваат и клеветат. Најболното нешто за мене е тоа што ниските удари, патем без аргументи, ги прават токму моите Македонци. Најсигурен и најбрз пат кон исчезнувањето на Македонецот е токму во релацијата Македонец против Македонец!

Повторувам, јас сум Македонец, но различен од многу мои Македонци кои ниту временски ниту човечки не созреале за да сфатат дека во животот може да се постигнат високи цели и богатства преку знаење, вештини, способности и човечки карактерни особини, притоа без крадење

Болното за мене е што во коментарите на поткастот не бев навреден од ниту еден мој сограѓанин од останатите етнички и верски заедници, туку само од моите Македонци.

Немам намера да го судам или омаловажувам својот народ македонски. Укажуваме дека за опстојување на една нација, во денешни услови, неопходни се почитта и поддршката.

За одредена група од моите Македонци е несфатливо, нивен Македонец да биде успешен низ светот во ранг на светските бизнисмени, додека без трошка размислување прифаќаат успешни луѓе од други националности во светот како Англичани, Германци, Италијанци, Американци, Шпанци и др. Успешен и богат Македонец како да не смее да постои!

Епа мои сограѓани, ниту сум крадел, ниту пак некогаш сум учествувал во било каква криминална дејност.

Влегувајќи подлабоко во суштината на нас Македонците како нација и нашата држава Македонија, сфаќам дека влегуваме во фаза на себеуништување, македонска апокалипса. Самоомразата ни станува национална дијагноза

Како независна држава функционираме повеќе од 80 години. Не изнедривме личности, иако ги имаме, со неприкосновен авторитет во нашето секојдневно живеење од сите области на културата, уметноста, политиката, науката, спортот, музиката и сите сфери на битисувањето. Ме боли сознанието дека денешна Македонија, создадена од бившите комунисти патриоти, ги избриша истите од историјата на денешна Македонија.

Токму тука е главниот проблем за нашиот опстанок како посебна нација и посебна држава.

Не се гради нација без личности кои придонеле многу за сопствената држава и за севкупната светска заедница.

Ќе споменам само едно име, познатиот македонски атомски физичар, академик Јордан Поп Јорданов. Јавноста во Македонија многу малку знае за него и неговиот придонес во светската атомска физика, ама знаеме за Ајнштајн. Зошто? Затоа што бил партизан фатен и измачуван од Бугарите 1943 година. Херојски го напуштил овој свет, без нокти на рацете и нозете. До кога ќе се криеме од вистината?

Народе мој македонски, освести се! Не си свесен дека со својата злоба и љубомора, искажувајќи бес без никакви причини самиот себе се уништуваш. Еден ден ќе нѐ снема од светската мапа на нации.

Нација се гради со длабоки корени на поединци кои припаѓаат на нашата нација.

Присутен сум на социјалните мрежи, бидејќи тоа е еден современ начин на општествена комуникација. Жално е чувството што наместо да стануваме позрели и посовесни токму преку ваквата комуникација на социјалните мрежи, ние стануваме многу полоши.Тежок е животот за сите сограѓани во нашата држава. Не успеавме да направиме систем и стопанство кое ќе ни овозможеше брз економски развој како општество и подигање на националниот дигнитет кај секој поединец.

Меѓусебното омаловажување и навредување е рак-рана за нашиот натамошен опстанок.

Имаме личности со знаење и искуство кои може да го подигнат стандардот во државата. Жално е што таквите личности се ставени на отстрел, бидејќи со своето знаење и искуство им пречат на така-наречените силни партиски лидери, кои доделуваат врвни функции на свои поданици, а не на лица со знаење и интегритет.

Продолжувам да ја градам мојата националност како Македонец. На секој напад од мој Македонец ќе возвратам на свој начин, со цел да го вратам таму каде што припаѓа.

Можеби понекогаш ќе бидам и жесток, бидејќи успеале да го разбудат мојот гнев, но човечноста никој нема да ми ја расчовечи. Најголемиот парадокс на Македонецот не е само потрагата на Диоген, со фенер да го најде човекот сред бел ден, туку успехот како грев! Нашиот парадоксот е токму успехот како грев…

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close