Нацистички пароли на матура – скандал во германска гимназија

Експертите предупредуваат на зголемен број млади луѓе кои се свртуваат кон десничарскиот екстремизам. Неодамна беше откриена неонацистичка ќелија во која имало малолетници. Што се случува во германските училишта?

Експертите предупредуваат на зголемен број млади луѓе кои се свртуваат кон десничарскиот екстремизам. Неодамна беше откриена неонацистичка ќелија во која имало малолетници. Што се случува во германските училишта?

Во најдобар случај, мотото за матура е слоган на кој со задоволство ќе се сеќавате до крајот на животот. Тој ги краси маиците на матурантите, служи како инспирација за многуте матурски забави и често е наслов на училишниот весник со кој 18- и 19-годишните ученици свечено ставаат крај на годините во училиште. За дел од учениците од гимназијата Либиг во Гисен, покраината Хесен, матурското мото е нешто што би сакале што е можно побрзо да го заборават. Портпаролката на учениците Никол Краке  за неделникот „Шпигел“ вели дека „ние сме учениците со нацистичкиот печат. Тоа боли.“ „Матурата ослободува“ (алузија на написот од концентрационите логори „Работата те ослободува“ или „Arbeit macht frei“ на германски јазик) ,„Abi-Akbar – експлозивно до матура“ (алузија на исламистички терористички напади) и „НСДАБИ – запали го Дуденот“ (алузија на нацистичката партија НСДАП и палењата на книги од нацистите и Евреите) биле  предлози во анонимното онлајн гласање за матурското мото во 2026. година. Некои ученици експресно реагирале и веднаш го пријавиле тоа на училишното раководство. Пристапот до порталот е избришан, целата генерација свикана и подготвено соопштение. „Расизам, антисемитизам и дискриминација немаат место во нашата училишна заедница. За тоа се залагаме заеднички!“ Полицијата отпочна истрага заради сомневање за поттикнување омраза.

Провокација или веќе десничарски екстремистички став?

Провокација и испад од незрели матуранти, шега на глупави момчиња или можеби ултимативен доказ за тоа колку длабоко десноекстремни ставови се вкоренуваат кај сè поголем број млади луѓе?  Нацистичките слогани како матурско мото привлекоа толкаво внимание во Германија што се огласи дури и новата министерка за образование, Карин Прин од ЦДУ и побара да се воведат задолжителни посети на спомен-концентрационите логори за ученици од сите училишта  во Германија.  Дали инцидентот во Гисен е само врвот? Пред логорот Аушвиц, каде што нацистите убија повеќе од еден милион лица, деветтоодделенци од саксонското место Герлиц упатија неонацистички поздрав. Во Елсниц во Саксонија, една наставничка во средно училиште побарала преместување бидејќи ѝ се заканувале десни екстремисти. И во Визбаден, во Хесен, ученици аплаудирале при проекцијата на едукативен филм за убиството на милиони Евреи. Тина Дир од таму не била особено изненадена кога слушнала за инцидентот во Гисен. Таа е заменик-директор на Центарот за демократија Хесен, кој ги поддржува и советува училиштата, општините и здруженијата во  борбата против десен екстремизам.  „Провокациите и десно-екстремни изјави, како ова матурско мото, генерално се зголемуваат на училиштата и сè повеќе нѐ известуваат за такви нешта“, вели таа за ДВ. „Се работи за свастики и десно-екстремни графити,  поздравот на Хитлер,  расистички или десно-екстремни песни што се пеат на училишни екскурзии“, посочува Дир.

Поместување на десно: училиштата како одраз на општеството

Сојузните покраини немаат унифицирани прописи во врска со опфаќањето на  десно-екстремно мотивирани кривични дела  на училиштата, но анкетата спроведена од весникот „Ди Цајт“ меѓу покраинските министерства за внатрешни работи откри загрижувачка слика. Во 2024та година, десно-екстремни инциденти бележат пораст од најмалку 30 проценти во споредба со претходната година. Дали училиштата се одраз на општеството, во кое вакви ставови и провокации стануваат сè поприфатливи? „Млади мажи намерно целно политички се обликуваат преку боречки вештини со цел да ги придобијат за националистички идеи и токсични идеали за машкост“, посочува Дир во врска со тоа како се придобиваат младинците. На социјалните мрежи  пред сѐ АфД  која е оценета како делумно десно-екстремна, игра на картата на мизогинија. „Девалвацијата на жените и враќањето кон класичен, традиционален модел на родова улога, и двата елементи на десен екстремизам, доживуваат нова кулминација. Самоуверени жени се девалвираат, квир луѓе се девалвираат, дури до точка на насилство и фемицид“, објаснува Дир.

Особено за наставниците тоа претставува огромен предизвик. Пред две години во фокусот се најде случајот со двајца наставници во Бранденбург кои обелоденија десно-екстремни инциденти во нивното училиште, потоа беа предмет на непријателски изливи и на крајот  фрустрирани го напуштија училиштето. Притоа поважно од било кога е да реагираат наставниците, бидејќи во спротивно десно-екстремни и расистички провокации би станале општествено прифатливи, потенцира Тина Дир од Центарот за демократија во Хесен. „Ако не се интервенира во инциденти со десно-екстремен карактер и на сторителите им се допушта да прават што сакаат, на учениците до одреден степен им се сугерира дека ова е нормално. Клучно е оние кои имаат храброст да се залагаат за демократски вредности и го идентификуваат екстремизмот како проблем, да ги поддржуваме,“ апелира Дир.

Холокаустот за сè повеќе ученици е нешто далечно

Штефан Дил е запознаен со таквата тематика од сопствено искуство. Претседателот на Здружението на германски наставници е исто така директор на средно училиште во Нојзес, Баварија. Тој во случаи на десно-екстремни испади од страна на ученици се залага за максимална строгост, како вклучување на полицијата, поднесување тужба, а јавните чиновници се обврзани да дејствуваат по службена должност.

„Не може кривични дела да туркаме под тепих и да велиме дека ќе го регулираме тоа со личен разговор, и тоа е тоа. Дури и ако сторителот има само 13 години, мора да го пријавиме во полиција. И кога полицијата потоа ќе го посети сторителот и ќе го сослуша, тоа има поинаква конотација од обични училишни дисциплински мерки кои треба да се изречат дополнително“, вели тој за ДВ.

Дил го поддржува барањето на сојузната министерка за образование Прин  да има задолжителни посети на спомен-концентрациони логори,  а 90 проценти од училиштата и онака веќе го прават тоа. Но, сеќавањето  на Холокаустот  станува сè потешко и за образовните институции, посочува тој. Во прилог на тоа говори и фактот дека според студијата на Конференцијата за еврејски каузи, околу 40 проценти од анкетираните Германци на возраст од 18 до 29 годишна возраст не знаеле дека околу шест милиони Евреи биле убиени за време на националсоцијализмот. Сведоци од тоа време кои ги посетуваат училиштата, како што беше неодамна починатата Маргот Фридлендер, наскоро веќе нема ни да има. Временскиот јаз станува сè поголем, а учениците живеат во денес и сега, вели Дил. „Десно-екстремни испади во училиштата се зголемуваат бидејќи директната врска и преку сопственото семејство, веќе не постои. Од една страна имаме ученици чии родители и баби и дедовци немале никаква врска со Третиот рајх бидејќи никогаш не ни живееле тука. И имаме ученици чии што родители и баби и дедовци се родени по Втората светска војна“, вели Дил.

Back to top button
Close