Над 8.300 повици на 112 во ЦУК по невремето

– Поради невремето што го зафати Скопје, во периодот од 17:00 до 21:00 часот, на Единствениот број за итни случаи 112 во Центарот за управување со кризи, биле примени повеќе од 8300 повици, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Операторите на 112, посочуваат од ЦУК, работат во полн капацитет, а уште во првиот час беа ангажирани и дополнителни смени со цел да се одговори на зголемениот број повици.
– И во моментов сè уште има зголемен интензитет на повици од граѓаните, а сите примени пријави континуирано се процесуираат и се проследуваат до надлежните институции и служби.
Ги замолуваме граѓаните за трпение и разбирање во услови на исклучително голем број повици. Доколку не успеат веднаш да воспостават контакт со 112, пријавите за материјални штети можат да ги пријавуваат и во текот на утрешниот ден, по што истите ќе бидат навремено евидентирани и проследени до надлежните служби – велат од ЦУК.






