Наградата „Живко Чинго“ за расказот „Гладоморје“ под шифра „Квечеруваме“

 Расказот „Гладоморје“ на авторот пријавен под шифра „Квечеруваме“ е добитник на наградата „Живко Чинго“ за 2020 година што Општина Охрид ја доделува по повод  традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

По распишаниот Конкурс на општина Охрид за најдобар расказ, до жири-комисијата во состав Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски и Григор Стојкоски пристигнале 78 раскази. Седум од нив не ги исполниле критериумите предвидени со конкурсот.

Од десет раскази што влегле во потесен избор жири-комисијата едногласно донела одлука наградата „Живко Чинго“ за 2020 година да му припадне на расказот „Гладоморје“.

Според оценките на комисијата, расказот „Гладоморје“ претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби.

Авторството ќе биде потврдено со четвртиот примерок на расказот, а на лауреатот наградата ќе му биде врачена на 13 август на традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“ што се одржува во селото Велгошти, родното место на Чинго.

Back to top button
Close