„Наместо одговорност за труењето на граѓаните – Клековски и ВМРО-ОКГ со напад на лекарите“, велат од СДСМ

СДСМ преку соопштение обвини дека Владата и министерот за здравство Сашо Клековски, наместо да понесат одговорност за случајот со труењето на граѓаните во Гостивар, ги напаѓаат лекарите и медицинските експерти кои јавно укажуваат на пропустите.

Од партијата велат дека наместо да се дадат одговори зошто институциите, според нив, не реагирале навреме и зошто епидемијата била прогласена со задоцнување, министерот Клековски ги нарекол лекарите и професорите „јавачи на епидемијата“ кои, како што тврдат, собираат „лајкови на социјалните мрежи“.

СДСМ оценува дека медицинските експерти имаат обврска да предупредуваат и да зборуваат кога сметаат дека институциите не постапуваат соодветно, додавајќи дека нивните јавни настапи не треба да бидат причина за политички напади.

Во соопштението се наведува дека, според партијата, вистинскиот проблем е начинот на кој институциите постапувале во случајот со загадената вода во Гостивар, а не реакциите на лекарите и професорите.

СДСМ бара целосна транспарентност за случајот, утврдување на одговорност за сите кои, според нив, учествувале во прикривањето на информациите, како и прекин на нападите врз медицинските експерти.

Од партијата порачуваат дека лекарите не се проблемот, туку, како што наведуваат, проблем е власта која наместо да ги заштити граѓаните, ги напаѓа оние што укажуваат на институционалните пропусти.

Back to top button
Close