Народната банка предупредува за измами преку лажни телефонски повици, апелира до граѓаните да внимаваат

Непознати лица лажно претставувајќи се од името на Народната банка на Република Северна Македонија преку телефонски повици се обидуваат да дојдат до лични податоци на лица кои потоа можат да бидат злоупотребени, предупредуваат од Народната банка.

Информацијата и предупредувањето на Народната банка / Извор: Народна банка

Оттаму преку писмено соопштение попладнево известија дека Народната банка нема никаква поврзаност со лицата кои ги извршиле телефонските повици. Апелираат од граѓаните да не ги откриваат личните податоци, ниту да преземаат било што од она што од нив го бараат непознатите лица.

„Доколку имате добиено или ако во натамошниот период добиете неочекувани телефонски повици, имејл или смс-пораки од сомнителни адреси или телефонски броеви во коишто ви се нуди нешто што не делува реално и вистинито, или од вас се бара откривање на лични податоци, не започнувајте комуникација во којашто ќе дадете ваши лични податоци или ќе одговорите на барање за трансакција/уплата на ваши средства на некоја банкарска сметка“,апелираат од Народната банка. 

Ниту еден претставник и вработен на Народната банка, велат оттаму, во ниту еден случај нема телефонски да побара од граѓанин број на сметка, пин-код или друг вид на личен податок, ниту пак ќе бара уплата на пари на одредена банкарска сметка.

Доколку граѓаните добијат телефонски повик или порака преку друго комуникациско средство (електронска пошта или преку социјалните мрежи) од лице за кое се сомневаат дека лажно се претставува како вработен во Народната бaнка, веднаш да го пријават случајот во Народната банка, преку официјалната елекетронска адреса: [email protected], порачуваат од централната банка.

Back to top button
Close