Народниот правобранител: Ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само
„Почетокот на учебната година е убав и значаен момент, но и прилика да се потсетиме дека секое дете има еднакво право на образование – не само формално, туку и реално, достапно и квалитетно. Пораката која ја упатуваме е јасна: ниедно дете не смее да биде заборавено, занемарено или оставено само. Образованието е право на секое дете, а создавањето услови тоа право да биде остварено е заедничка одговорност на сите нас.

Училиштето за едно дете е во непосредна близина, но за друго тоа значи патување. За некои семејства обезбедувањето на училишниот прибор и другите потреби е едноставно, додека за други претставува сериозен финансиски товар. Затоа, грижата за детето и неговото право на образование не завршува со обезбедувањето место во училишната клупа.
Бесплатното образование мора да значи создавање услови секое дете да може непречено да го потсетува училиштето, да учи и да напредува. Тоа подразбира навремено обезбедување учебници и други неопходни услови за учење, бесплатен и достапен превоз за децата кои имаат право на него, пристапна и безбедна училишна средина, како и соодветна поддршка за децата и семејствата на кои им е потребна.
Особено внимание треба да им се посвети на децата кои се наоѓаат во социјален ризик, на децата со попреченост, на оние кои живеат во рурални и оддалечени средини, како и на сите деца кај кои постои ризик од отсуство, изостанување или напуштање на образованието. Мерките за подобрување на условите во училиштата, обезбедувањето превоз, поддршката за учениците од семејства со послаба материјална состојба и создавањето услови за обезбедување храна за учениците се важни чекори, но нивната вредност е во тоа што треба да бидат навремени, достапни и еднакво применливи за секое дете на кое му се потребни.
Училиштето треба да биде место каде што детето ќе се чувствува безбедно, прифатено и почитувано, а различностите нема да бидат причина за исклучување, туку можност децата од најмала возраст да учат за почитувањето, солидарноста, толеранцијата и еднаквоста.
Во таа насока, посебно внимание мора да се посвети на спречувањето и навременото препознавање на врсничкото насилство. Секое дете има право да учи во средина ослободена од насилство, заплашување, понижување и дискриминација. Насилството меѓу врсниците, без оглед дали се случува во училницата, во училишниот двор или во дигиталниот простор, не смее да се занемарува или оправдува како „детска работа“.
Превенцијата и справувањето со врсничкото насилство бараат заедничка и континуирана ангажираност на училиштата, наставниците, стручните служби, родителите и самите ученици. Секој пријавен случај мора да биде сфатен сериозно, навремено разгледан и проследен со соодветна реакција и поддршка, водејќи се пред се од најдобриот интерес на детето. Децата треба да знаат кому можат да му се обратат кога се соочуваат со насилство или кога се сведоци на насилство врз друго дете.
Народниот правобранител ги повикува сите надлежни институции, единиците на локалната самоуправа и училиштата да продолжат посветено да работат на создавање услови во кои ниту едно дете нема да биде оставено надвор од образовниот процес поради сиромаштија, оддалеченост, попреченост, насилство или која било друга околност.
Ги повикуваме родителите, наставниците и стручните служби да разговараат со децата, да ги слушнат и да ги охрабруваат слободно да ги изразуваат своите мислења и да зборуваат за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат. Во училиштата треба да се почитува и поттикнува улогата на ученичките правобранители, како механизам преку кој учениците можат активно да учествуваат во заштитата и унапредувањето на своите права.
Правото на детето да биде слушнато е составен дел од почитувањето на неговите права.
Народниот правобранител останува отворен за секое дете, родител или граѓанин кој смета дека е повредено право на дететп или дека на детето му е оневозможено или отежнато остварувањето на неговите права.
Доколку сметате дека е повредено право на дете, можете да се обратите до Народниот правобранител:
Телефон: 02 3129 335
Е-пошта: [email protected]
Да започнеме уште една учебна година со заедничка заложба – секое дете да има право на образование, безбедност, еднаквост, почит и можност да расте и да се развива во средина во која неговиот глас се слуша“ стои во пораката од Народниот правобранител по повод почетокот на новата учебна година.






