Натпреварот Јувентус – Наполи мора да се игра, поништена казната на клубот на Елмас

Натпреварот од Серија А меѓу Јувентус и Наполи, што беше регистриран со службени 3:0 за актуелниот италијански првак поради недоаѓање на тимот од Неапол во Торино, мора да се одигра.

Одлуката вечерва ја донесе Италијанскиот олимписки одбор (CON), поништувајќи ја, притоа, и казната што му беше изречена на Наполи со одземање на еден бод.

Натпреварот требаше да се одигра на 4. октомври, меѓутоа Наполи не допатува во Торино поради забраната што ја воведоа локалните здравствени власти во Неапол.

Локалното здравствено тело (ASL) му наложи на Наполи да не патува во Торино, откако два дена пред закажаниот натпревар во редовите на Наполи беше потврден позитивен тест за коронавирус на нивниот играч Пјотр Зиелински, а ден потоа беше објавено дека позитивен на Ковид-19 е и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас.

Раководството на Серија А и Италијанскиот фудбалски сојуз, меѓутоа, пресудија дека Наполи не се придржувал кон договорениот Ковид – 19 протокол и натпреварот го регистрираше со службена победа од 3:0 за Јувентус, а Наполи беше казнет со одземање на еден бод.

Новиот термин за одигрување на натпреварот меѓу Јувентус и Наполи ќе биде утврден дополнително.

Back to top button
Close