Научно истражување: Разновидните активности го намалуваат ризикот од деменција

– Деменцијата погодува милиони луѓе ширум светот и претставува огромен предизвик за поединци, нивните семејства и здравството. Иако когнитивниот пад обично се поврзува со староста, првите симптоми се појавуваат уште во средните години. Доколку таквите симптоми бидат детектирани на време, може да се избегнат проблеми со паметењето.Но, покрај сериозноста на болеста, постојат начини со кои може да се заштити мозокот.

Новата студија објавена во списанието „Алцхајмерс енд деменша“ (Alzheimer’s and Dementia) покажува дека разновидните хобија и активниот животен стил можат значително да придонесат за зачувување на здравјето на мозокот и намалување на ризикот од деменција. Истражувањето опфатило 587 здрави возрасни лица на возраст од 40 до 59 години, а научниците анализирале како медицинските, генетските и животните фактори влијаат врз когнитивните способности. Испитувањето било спроведено во три фази. Прво, направено е сеопфатно когнитивно тестирање за да се измерат вниманието, јазичните способности и меморијата. Потоа биле тестирани десет ризик фактори како симптомите на депресија, висок крвен притисок, дијабетес, слаб квалитет на сон, оштетување на слухот и претходни повреди на мозокот, пушење и консумација на алкохол.

 

Резултатите покажале дека најсилен позитивен ефект врз мозокот имаат интелектуално стимулативните активности како читање, дружење, вежбање, свирење музика, учење странски јазици, што придонело за подобра меморија. Од друга страна, симптомите на депресија, висок крвен притисок, дијабетес, слаб квалитет на сон, оштетување на слухот и претходни повреди на мозокот покажале послаби когнитивни резултати.

 

Според истражувачите, токму разновидноста на активностите создава заштитен ефект врз мозокот, а нивното влијание било поголемо дури и од некои генетски ризици поврзани со Алцхајмерова болест. Оваа анализа укажува дека вистинските избори во средни години можат да го обликуваат здравјето на мозокот во годините што доаѓаат. Иако не постои конкретен начин за спречување на деменција, одредени активности и здрави навики се значајни за подобри когнитивни исходи.

– Фокусирајте се на градење на вашата когнитивна резерва преку богат и разновиден животен стил. Не е потребно да извршувате тешки задачи, наместо тоа стремете се кон разновидни активности, советуваат експертите.

Back to top button
Close