Назарбаев негира дека го напуштил Казахстан по тензиите во земјата

 

 Влијателниот поранешен лидер на Казахстан, Нурсултан Назарбаев, денеска ги негираше наводите дека побегнал од земјата поради тензиите со претседателот Касим-Жомарт Токаев.

Назарбаев, кој го водеше Казахстан цели 29 години, денеска издаде куса изјава за смртоносните немири што овој месец ја погодија поранешната советска република.

Во своето прво јавно обраќање во врска со протестите, што прераснаа во немири и крвопролевање, 81-годишниот Назарбаев, исто така, ги негираше тензиите меѓу него и Токаев, кого тој лично го избра за свој наследник. Поединци дури шпекулираа дека конфликтот меѓу двајцата може да има улога во поттикнувањето на немирите.

Протестите почнаа на 2 јануари во мал град во западен Казахстан поради наглото зголемување на цените на горивото, но брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во демонстрации против авторитарната влада, проследени со немири во кои загинаа повеќе од 220 луѓе.

Токаев се обиде да ги смири тензиите со ограничување на цената на горивото за шест месеци и смената на Назарбаев од  позицијата претседател на Советот за национална безбедност, влијателна функција што ја имаше откако по днесе оставка од позицијата шеф на државата во 2019 година. Некои овој потег го видоа како обид да се стави крај на влијанието на поранешниот лидер, кој ги подгреа тензиите меѓу владејачката елита и дополнително поттикна немири.

Назарбаев, по чие име е именуван и главниот град на Казахстан, денеска ги отфрли тие тврдења.

-Нема конфликт во владејачката елита во земјата. Гласините во таа насока се целосно неосновани, рече Назарбаев.

Казахстанските власти соопштија дека во немирите загинале 227 лица, меѓу кои 19 полицајци и војници. Повеќе од 4.300 луѓе беа повредени, а илјадници се уапсени.

Back to top button
Close