Не сме надлежни

Штом се собираат потписи за толку многу независни граѓански иницијативи за кандидати за советници во речиси сите поголеми општини, тоа е охрабрувачки за демократијата. Луѓето си се организираат.

Сакаат да си ги заштитат куќите, дворовите, да си ги ослободат улиците, тротоарите, парковите…

Тоа требаше да им го овозможат политичарите од партиите за кои гласале.

Кога политичарите би си ја вршеле својата работа, а партиите би биле во служба на сите жители и на јавниот интерес, тогаш овие независни листи немаше да ги има. Ама, кај нас штом влезеш во власта, правиш како ќе ти каже партијата. Забораваш како ти изгледа улицата пред зграда.

Не очекувам овие независни листи да ја преземат власта во Општините. Не се ни сомневам дека партиите ќе се ујдисаат против нив, или ќе се обидат да ги купат. Ама сепак, очекувам да бидат глас различен од наредбата што доаѓа од партиската централа.

Оти, на крајот на краиштата, тие луѓе си имаат своја работа, си тераат свои бизниси, си имаат хобија, познати имиња се, оставиле трага во своите професии и во средините во кои живеат и знаат што сакаат, па решиле да си потрошат дел од своето време за квалитетен живот во соседството.

За да бидат дел од Советите во кои се одлучува за нивниот живот не мораат ни да играат на комитски вечери, ни да дежураат по штабови, ни да се умилкуваат по централни и општински комитети, ни да ги шетаат со автобуси за да аплаудираат по митинзи.

Партиите можат да смислат стотици слогани, да потрошат милиони евра за спотови и билборди, да соберат потиси и за контранезависни листи, да им чепкаат по биографиите на кандидатите и да ги тролаат по Фејсбук и да нарачуваат текстови по медиуми.

Ама, сето тоа нема да ми го смени видикот од прозорецот на станот, нема да ми го ослободи тротоарот по кој децата ми одат на училиште, нема да ми донесе квалитетна вода за пиење и чист воздух, нема да ми го реши паркирањето, нема да го исчисти ѓубрето, нема да го спречи комшијата силеџиски да ми влезе со нова „инвестиција“ во терасата на која пијам кафе.

Едноставно е. Луѓето виделе дека од партиите фајде нема.

Целата коумна на Горан Михајловски на СДК.мк

Back to top button
Close