Не стануваше збор за никаков профит – Алексеј Дума потврди дека мозоци од Македонија се испраќале за научни цели во САД
Поранешниот директор на Институтот за судска медицина, Алексеј Дума, во изјава за „360 степени“ потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Притоа, вели дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што вели, мозокот не може да оди на црниот пазар.

Кога прифативме, согласност даде и етичкиот комитет на Медицинскиот факултет, вели Дума
Мозок не може да се продаде и тој не може да се трансплантира, вели поранешниот директор на Институтот за судска медицина и криминалистика, Алексеј Дума.
Ставот на Дума доаѓа откако во јавноста се појавија информации за извоз на мозоци од Македонија за научни цели во САД.
На сајтот на американската Национална библиотека за медицина објавен е документ од Македонската академија на науките и уметностите – оддел за медицина, од јули 2014 година, чии автори се Горазд Росоклија, професор од Универзитетот „Колумбија“, по потекло од Македонија, Алексеј Дума, поранешен директор на Судска медицина, и извесен Ендру Џеј Дворк од Универзитетот „Колумбија“ во САД.
Документот е насловен како „Збирка за психијатриски мозоци во Македонија: Општи лекции за научна соработка меѓу земјите со различно богатство“, и во него станува збор научна соработка помеѓу американски и македонски институции во областа на невропатологијата и психијатријата.
Алексеј Дума во изјава за „360 степени“ потврдува дека станува збор за проект што се реализирал во периодот меѓу 1990-тите и 2000-тите години. Но, она што тој го потенцира е дека не станувало збор за никаков профит зашто, како што вели, мозокот не може да оди на црниот пазар.
„Има точни правила мозокот кога ќе се извади за колку секунди треба да постигне минус 80 степени и да стигне во лабораторија“вели Дума.
На прашањето колку мозоци од Македонија биле испратени за научните цели, Дума не можеше да каже бројка, но рече дека сигурно не биле 1 000.
„На Универзитетот веќе имаа банка на мозочни ткива кои ги земаа од цел свет со строго дефинирано што им треба – шизофреничари и самоубиства“ додава тој.
За тоа дали семејствата на починатите, чии мозоци биле праќани за испитувања, биле запознаени со проектот, Дума не даде конкретен одговор, но рече дека биле задоволени сите критериуми и кај нас и во САД.
…






