Неделков: Вчерашниот протест е обид да се ослабат позициите на СОНК
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков го оцени вчерашниот протест на дел од членството како обид да се ослабат позициите на синдикатот.
Просветните работници кои вчера се собраа на протест пред седиштето на СОНК, според Неделков, се најверојатно изманипулирани или неинформирани.
Тој најави дека ваквите собирања нема да го поколебаат да работи според закон и да се залага за правата на работниците.
– Досега сме имале многу штрајкови и секогаш сме излегувале со резултати, меѓутоа вакво т.н. спонтано собирање на двапати не личи на просветни работници. Јас на секому ќе му се извинам ако го навредам, меѓутоа ваквото однесување не води кон ништо. Секој нека биде свесен дека мене нема да ме поколеба да работам согласно закон, да градам партнерски однос и да се залагам за правата на работниците, рече Неделков.
Од СОНК упатија апел до членството да не потпаѓа на дезинформации и уверуваат дека одлуката да се стави штрајкот во мирување е согласно закон.
За денеска во 14 часот, како што информира Неделков, веќе е закажана првата средба со медијаторот кој вчера беше назначен од страна на Министерството за труд и социјална политика.
Советот на СОНК вчера донесе одлука да го стави штрајкот во мирување откако до него беше доставено известување од Министерството за труд и социјална политика дека Министерството за образование и наука е подготвено за мирно решавање на спорот. Неделков најави дека доколку во периодот на мирно решавање на спорот, не се изнајдат соодветни решенија, штрајкот повторно ќе биде активиран.