Недостатокот на сон всушност може и да го скрати животот

Сонот е едно од најважните нешта за добро здравје. Но, ново истражување покажа дека постојано покусото спиење всушност може и да го скрати животот.

Научниот труд спроведен во Соединетите Американски Држави, е објавен во списанието „Слип адвенсес“ (Sleep Advances). Врската меѓу спиењето и долговечноста е сложена, но лекарите велат дека не се шокирани од резултатите. Научниците, имено, анализирале податоци од Анкетата за фактори на ризик во однесувањето на Центрите за контрола и превенција на болести, спроведена меѓу 2019. и 2025 година. Анкетата се спроведува месечно од страна на државните здравствени оддели и испитува низа навики што можат да влијаат на здравјето на една личност, како што се пушењето, исхраната, хроничните состојби и времетраењето на спиењето.

Меѓу прашањата било и следното: Во просек, колку часа спиете во период од 24 часа?

– Доволниот сон е поврзан со многу аспекти на здравјето, вклучувајќи го кардиоваскуларното здравје, нашиот имунолошки систем, па дури и контролата на телесната тежина и расположението. Ова ја одразува важноста на спиењето за нашиот животен век, изјави за „СЕЛФ“ (SELF), Бет Малоу, невролог и раководител на Одделот за нарушувања на спиењето.

Истражувачите откриле дека спиењето е најдобар показател и фактор за очекуваниот животен век, па дури и ги надминува факторите како што се исхраната, физичката активност и социјалната изолација. Ова значи дека луѓето кои пријавиле дека ги добиваат препорачаните седум или повеќе часа сон навечер имаат поголема веројатност да ги надживеат оние кои постојано спијат помалку од седум часа навечер.

Back to top button
Close