Нефи Усеини натепал сограѓанин: Му извади пиштол на син ми, а потоа ме тепаа мавајќи ме по глава
Советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини, нападнал сограѓанин во познат охридски хотел, а за тоа е пријавен и во полициска станица, дознава „А1он“. Инцидентот се случил утрово, кога Усеини прво го повикал нападнатиот Спире Топалоски во хотелот, па по кратка вербална расправија, го удирал со пиштол по глава заедно со други лица. Топалоски за „А1он“ вели дека случајот ќе го тера до крај, бидејќи меѓу другото, Усеини замавнувал со пишол пред неговиот 14-годишен син, кој според кажувањата, бил сведок на инцидентот. Усеини, пак, не одговара на телефонските повици за да каже негов став за инцидентот. Од МВР велат дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.
„Во СВР Охрид, С.Т. (41) од Охрид, пријавил дека пред угостителски објект бил физички нападнат од Н.У. (45) од Охрид. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат кратко од МВР.
Топалоски за „А1он“ вели Усеини сега правел притисок врз газдите на хотелот каде се случил инцидентот за снимките од видео надзорот, со кој е снимен инцидентот, да не се дадат на полицијата. Тој бара полицијата да го расчисти целосно случајот или вели дека сам ќе преземе мерки.
„Ме нападна Нефи Усеини, квази криминалецот кој го опостуши цел град. Инцидентот настана поради Зоре Темелковски. Јас правам куќа за четири деца, под Зоре Темелковски во Рача. Јас ја направив куќата и тој повеќе пати ме пријавуваше дека нелегално ја правам куќата, дека копам. Јас го опоменав. Тој наводно, по ова, му рекол на Нефи дека јас сум го опоменал и ‘Да го е**м, ни Нефи, ни Мефи никој нема да те спаси’. Нефи ми се јавува мене и ми вика дојди во ‘Јуник’. Јас нормално, одам. И тој вади пиштол на дете, 14-годишно, на син ми му извади пиштол и му мафташе во нозете. Пиштолот му падна. Кога му падна, јас тргнав да го земам. Само што тргнав да го земам, од позади ме нападнаа уште четворица лица, брат му Ибро и уште двајца хомосексуалци, дали од Струга или Охрид, небитно. Влегов во хотелот, сакаа да ме омаловажат, ме тепаа со пиштоли. Јас таму не делував. Можев да земам и пиштол, но не делував. Дојдов во полиција си пријавив се. Разговарав со полицијата и ми рекоа да одам до крај, бидејќи и тие нема да попуштат. И затоа решив да проговорам. Не може во сите случки Нефи да е прав. Сега сум решен, или ќе ме убие или ќе го убијам. На дете 14-годишно, на син ми, пиштол му извади. Жена ми плаче, мајка ми плаче. Око за око, заб за заб. Или државава да преземе нешто за овие што го пустошат цел град или ќе одам до крај за тоа што на детето мое му извади пиштол. Еден кримиалец не може да тероризира секого и секогаш тој да е во право. Цел сум со дупки“, рече Топалоски за „А1он“.
Зоре Темелковски, спортски работник и татко на актуелниот градоначалник на Општина Кисела Вода, Филип Темелковски, вели дека чул дека имало караница во хотелот каде тој пиел кафе, но не знае дека имало физичка пресметка меѓу Усеини и Топалоски.
„Не сум бил сведок. Јас кога го палев џипот, застана еден џип. Јас си заминав. Ми се јавија другари од ‘Јуник’, каде пиеме секој ден кафе и ми рекоа дека нешто се испокарале, ама не знам што.
Ова не е прв инцидент во кој учествувал советникот Нефи Усеини. Усеини во април минатата година спречи инспектор да изврши увид на дивоизградената тераса кај Чинарот, а притоа и му се заканувал.
…