Неизвесен настапот на руски и белоруски тенисери на Вимблдон

– Организаторите на грен – слем турнирот во Вимблдон водат разговори со британската Влада околу прашањето за настап на тенисерките и тенисерите од Русија и Белорусија во овогодишното издание, најавувајќи денеска оти конечната одлука ќе ја објават кон средината на мај.

На руските и белоруските играчи им е дозволен настап на АТП и ВТА турнирите, но без истакнување на името и знамето на нивните држави поради инвазијата врз Украина.

– Забележавме насоки од Владата на Обединетото Кралство во врска со присуство на руски и белоруски поединци во неутрално својство на спортски настапи во Обединетото Кралство. Ова е и натаму сложено прашање со многу предизвици, а ние продолжуваме да учествуваме во разговорите со Владата на Обединетото Кралство и раководните тела на меѓународниот тенис, се наведува во соопштението на организаторите на Вимблдон.

Британскиот министер за спорт Најџел Хадслтон рече минатиот месец оти не би му се допаднало „руски спортист да виори руско знаме“ и да го освои Вимблдон во Лондон. Тој додаде дека вториот светски рекет Данил Медведев можеби би морал да даде гаранции дека не го поддржува рускиот претседател Владимир Путин доколку сака да настапи на турнирот, што е на програмата од 27 јуни до 10 јули.

Back to top button
Close