Неизвесна е лидерската средба, СДСМ е жестоко против укинување на техничката влада
Уште неиспратени поканите до партиите, постојат сериозни шанси лидерката средна што вчера ја најави премиерот Христијан Мицкоски воопшто да не се одржи.

Опозицијата се спротивстави на идејата што ја изнесе Мицкоски – на таква средба да се разговара за укинување на техничката влада. Лидерот на СДСМ Венко Филипче денеска жестоко ја отфрли ваквата иницијатива од власта, потенцирајќи дека тие на таква средба немаат намера да учествуваат.
„Ваква средба на која ќе се дебатира за укинување техничка влада пред секои избори нема да има, односно СДСМ нема да партиципира. Ние не сакаме да бидеме покритие за потезите на власта. Се виде сценариото – дека прво ќе се оди на предвремени избори, а потоа ќе се реализира тоа за прием на мигранти за пари. Најавени шест милијарди во инвестиции и 20 илјади фунти за секој примен мигрант. И, затоа техничката влада мора да постои. Таа беше спроведена во периодот кога претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше институциите. А, сега гледаме дека во овие година и половина тие воопшто се немаат сменето“, дециден беше Филипче на денешната прес-конференција специјално свикана за оваа тема. Челникот на СДСМ рече дека тие како партија ќе учествуваат и се подготвени за избори кога и да бидат распишани од власта.
Ваквиот изречен став од социјалдемократите, ја прави целосно неизвесна најавената лидерска средба од премиерот Христијан Мицкоски што, според информации на „Фокус“ треба(ше) да се одржи некаде во средината на идната недела, поточно во вторник или среда. А, на која, според она што го кажа јавно Мицкоски, се очекуваше дебата за техничката влада, но и за избор на Народен правобранител, како и за некои од законите од реформската агенда што се носат со двотретинско мнозинство, како оној за Јавно Обвинителство.
Дотолку повеќе што и „интегративците“ засега покажуваат воздржаност по предлогот. Портпаролката на ДУИ Арта Биљали Зендели во изјава за медиумите кратко рече дека поканата се уште е само во фаза на најава. „Прво чекаме да добиеме покана, кој во моментов е само најавена. Кога таа ќе пристигне, ќе изградиме став како партија во врска со неа“, рече Биљали Зендели.
Покана се уште немаат добиено ниту во владејачката ВРЕДИ, но тие принципиелно стојат зад ваквата иницијатива на Мицкоски. „Ја поздравуваме иницијативата на премиерот за средба на лидерите. ВРЕДИ е секогаш отворена за секоја средба насочена кон функционирање на институциите и наоѓање решенија во интерес на граѓаните. Секоја таква покана или иницијатива што ќе стигне до нашата адреса ќе биде разгледана одговорно и јавноста ќе биде навремено информирана“, изјави за Фокус портпаролот на ВРЕДИ Дритон Сулејмани.
…






