Некој му се заканува на новинарот Митовски со негова слика во мртовечки ковчег, ЗНМ реагира

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразува сериозна загриженост поради заканувачка содржина објавена на „Фејсбук“, во која е споделена монтирана фотографија на новинарот Александар Митовски од прикажан како мртовец во ковчег, додека во придружниот коментар се упатуваат заканувачки пораки кон новинарот Милош Милошевски, вклучително и директна закана по неговиот живот.
Митовски и Милошевски од „Инфомакс“ деновиве се мета на навреди и закани од корисници на социјалните мрежи од Бугарија, поради нивното известување за случајот со Ива Михајлова.
„Во објавата се користи заканувачка формулација со која се најавува насилство врз новинарот, што претставува сериозен обид за заплашување и предизвикува загриженост за безбедноста на засегнатите новинари. Ваквите содржини се особено загрижувачки кога се шират преку социјалните мрежи и можат дополнително да поттикнат непријателство и притисок врз новинарите“, велат од ЗНМ во реакцијата.
ЗНМ бара од надлежните институции внимателно да ја испитаат содржината, да ги утврдат околностите под кои е објавена и да преземат соодветни мерки во рамки на своите надлежности. Истовремено, апелираме до платформите на социјалните мрежи да постапуваат соодветно по пријавите за содржини што содржат закани и заплашување.
ЗНМ потсетува дека заканите кон новинарите се недозволиви и дека нивната безбедност мора да биде гарантирана без оглед на темите за кои известуваат, нивните ставови или јавниот ангажман. Слободното и независно новинарство не смее да биде предмет на заплашување и насилни закани.
Извор: slobodenpecat.mk






