„Нема да исчезне“ – адвокатите на Жизел Пелико кажуваат што таа ќе прави по судењето
Беа потребни четири години и 67 денови на суд, но се вели дека Жизел Пелико се чувствува „олеснето и смирено“ за одлуката на судиите да ги осудат сите мажи обвинети за силување и сексуално вознемирување додека била седатирана и несвесна.
По конечната изјава дека „ги почитува“ изречените казни во Авињон, нејзините адвокати рекоа дека таа сега е „апсолутно исцрпена“ и среќна што заврши овој маратонски судски процес.
„Сепак, тоа беше борба за неа секој ден и многупати чувствуваше дека сака да си замине. Би рекол дека е помирена со фактот што пресудите потврдуваат дека била жртва на сите обвинети“.
Стефан Бабон, еден од адвокатите на Пелико, додаде: „Таа е поканета насекаде низ светот и ѝ треба време и дистанца за да размисли дали да го прифати тоа или ќе се врати во релативна анонимност и ќе каже ‘Јас го направив својот дел’. Секако, целосна анонимност никогаш нема да има. Мислам дека ќе направи нешто помеѓу двете. Таа нема да исчезне целосно.
„Бевме загрижени за тоа што ќе се случи по судењето, но таа рече: ‘Преживеав на 2 ноември 2020, сега можам да преживеам сè“, рече Бабон, алудирајќи на датумот кога Жизел Пелико дозна дека нејзиниот сопруг, кој беше уапсен за снимање под здолништата на жени во супермаркет, ја злоупотребувал и поканувал странци да го прават истото.
„Таа има многу позитивен став и токму така се соочи со она што ѝ се случи. Дури и во нејзините најтешки моменти ни рече: ‘Гледав кон иднината, инаку чувствував дека ќе бидам проголтана од мрачно место и никогаш нема да можам да живеам’“.
Адвокатот додаде: „Имав привилегија да бидам со неа секој ден. Чувствувам дека ја познавам и имам доверба во неа. Таа е ориентирана кон иднината и мисли дека ќе биде подобра и исполнета со позитивни нешта.
„Она што го прави е наследство за иднината и се надева дека тоа ќе инспирира други. Не сака да биде гледана како икона или како некој извонреден човек“, пренесува Гардијан.
15-неделното судење заврши во четвртокот, кога поранешниот сопруг на Пелико, Доминик (72), ја доби максималната казна од 20 години затвор за дрогирање и силување и што за поканување најмалку 50, а можеби и повеќе од 80, странци да ја силуваат во нивниот дом во провинцискиот град Мазан.
Судот ги прогласи сите 50 мажи виновни за сексуални прекршоци – 47 за силување, двајца за обид за силување и двајца за сексуален напад – и им изрече казни од три до 15 години.
Жизел Пелико, која наполни 72 години за време на судењето, верува дека можно е да била силувана повеќе од 200 пати помеѓу 2011 и 2020 година.
Адвокатот Антоан Камус, кој ја претставуваше неа и нејзините деца – Давид, Каролина и Флориан, рече дека казните, иако пониски од оние побарани од јавниот обвинител, биле „интелигентни“ и дека петмината судии изрекле персонализирани пресуди за секој случај.
Превод: Филипа Сара Попова